Анѓушев најави македонско-холандска инвестиција во ТИРЗ „Тетово“ ВИДЕО

За состојбите со „Југохром“, Анѓушев рече дека веќе имаат договор со сопственикот да инвестира дополнителни еден милион евра, додека државата преку Македонската банка за поддршка и развој ќе и додели на фабриката од еден до 1,5 милион евра за завршување на филтер станицата, но и за обртни средства за фабриката.

736

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев заедно со министерот за економија Крешник Бектеши денеска ја посетија ТИРЗ кај Тетово. Тие прво ја посетија фабриката „Леар“, а потоа се сретнаа и со раководството на ТИРЗ „Тетово“.

– Од фабриката „Леар“ најавија зголемување на капацитетите, а со тоа и бројот на вработени што е уште една потврда за добрите политики на Владата за нови инвестиции. Истовремено во развојната зона ќе имаме инвестиција од македонско-холандски капитал во фирмата „Глисфлекс“ што ќе биде инвестиција од седум до осум милиони евра и што ќе овозможи 100 нови вработувања – изјави вицепремиерот Анѓушев.

Со раководството на ТИРЗ, додаде тој, разговаравме за големата заинтересираност за инвестиции во зоната.

– Ги повикувам сите компании да ги искористат можностите од Законот за поддршка на инвестициите за оние што инвестирале во 2017 година за поврат на средства, а оние што немаат инвестирано и имаат намера во оваа година да инвестираат да разговараме за мерките за поддршка – рече Анѓушев.

Директорот на ТИРЗ „Тетово“ Аки Етеми посочи дека посетата на висока делегација од новата Влада значи поддршка за нивната работа и оти очекува државата да помогне во реализирање на надворешната инфраструктура околу зоната. Измените во новиот Закон за ТИРЗ со кои се изедначуваат домашните со странските компании, според Адеми, се за поздравување, бидејќи на тој начин домашните компании нема да бидат дискриминирани при инвестирање во зоните.

Одговарајќи на новинарско прашање околу можните економски придобивки од можното побрзо приближување кон ЕУ и НАТО, Анѓушев посочи дека праксата од нашите соседи при нивниот влез и зачленување во НАТО и ЕУ покажува дека добиле големи економски придобивки.

– Ова е политички процес, но секако дека и економијата ќе има придобивки од тоа за нејзин побрз развој, но и зголемување на сигурноста на инвеститорите. Праксата покажала дека кај соседите имало големо ниво на пораст на странски инвестиции, а и кај нас инвеститорите од државната поддршка се интересираат за владеењето на правото и стабилноста на државата. Доколку станеме дел од евроатлантските интеграции очекувам тоа да ги охрабри и домашните и странските инвеститори, а сето тоа ќе придонесе за развој на економијата во државата – рече Анѓушев.

За состојбите со „Југохром“, Анѓушев рече дека веќе имаат договор со сопственикот да инвестира дополнителни еден милион евра, додека државата преку Македонската банка за поддршка и развој ќе и додели на фабриката од еден до 1,5 милион евра за завршување на филтер станицата, но и за обртни средства за фабриката. Државата своите средства ќе ги обезбеди преку хипотека од фабриката.

– Сметам дека ова ќе биде вин-вин состојба за двете страни, бидејќи со конјуктурата на цените на фероникелот на светските цени ќе се овозможи фабриката да работи профитабилно, поранешните вработени да се вратат на работа и трето и најважно, ова да биде направено одговорно за животната средина со поставување на филтер. Токму неговото немање беше причина за затворање на фабриката. Вкупната инвестиција за филтерот, според моите информации, изнесува 4,7 милиони евра. Претходно сопственикот веќе има нешто инвестирано и исплатено како што е челичната конструкција од Факом која веќе се монтира и верувам дека со завршување на филтерот ќе се овозможи повторно отворање на фабриката – рече Анѓушев.

Околу изградбата на нафтоводот Солун – Скопје, Анѓушев посочи дека Договорот за добрососедство и стратешко партнерство со Грција ќе има позитивни ефекти и на овој план, бидејќи државата имала договор со Хеленик Петролеум за овој нафтовод во 1999 година и тој треба да заврши во јуни следната година.

– Според арбитражната постапка во Париз поради неисполнување на обврските Македонија претходно морала да плати 52 милиони долари и токму затоа околу другите обврски што државата ги има согласно овој договор, очекувам дека позитивната клима што ја имаме сега на политички план ќе придонесе и за подобро решавање на овој проблем со нафтоводот – потенцира Анѓушев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...