Компанијата ТЕ-ТО АД Скопје ја поздравува одлуката на надлежниот суд за одобрување на планот за реорганизација со цел финансиска консолидација на компанијата и можност да продолжи редовно да работи.
Според компанијата, одлукаta на Судот следува откако доверителите со над 85 отсто од побарувањата дадоа согласност за реализација на понудениот план за реорганизација. Меѓу доверителите е и реномирана германска банка чиј глас беше клучен за усвојување на Планот.
„Планот за реорганизација е изготвен според објективни критериуми, согласно сите законски процедури и предвидува рамноправен третман на сите доверители кои припаѓаат на соодветна класа на доверители, како што е предвидено со закон. Уште еднаш напоменуваме дека сите наши активности се одвиваат согласно законите на Република Македонија. Наводите што ги изнесува во јавноста одредена заинтересирана страна во постапката се невистинити и целосно ги отфрламе. Тие наводи се обид за манипулација со пошироката јавност со крајна цел вршење притисок врз независните судски органи“, наведува ТЕ-ТО.