Младите на возраст од 13 до 19 години можат да станат социјални иноватори и претприемачи, да ги развијат способностите за препознавање проблеми од блиската средина, но и да се вклучат во нивно активно решавање преку развивање иновативни решенија. Ова го овозможува Upshift програмата за социјално претприемништво во рамки на која ќе се применуваат докажани методи и техники за учење и развој на клучни вештини.
Во рамки на програмата идната недела ќе биде објавен првиот Upshift повик, кој денеска го промовираа Министерството за образование и наука и Фондот за иновации и технолошки развој. Програмата се реализира заедно со УНИЦЕФ.
Upshift програмата ќе се овива во период од три до четири месеци.
По објавување на повикот следи процес на апликација, потоа ќе се одржи тридневна работилница за развој на идеите во рамки на која младите ќе научат како да ја скенираат средината во која функционираат, ќе можат да откријат кои се партнерите кои би им биле важни во спроведување на идејата и како ќе настапат пред бизнис секторот и заедницата за да ја продадат таа идеја.
Следна фаза е презентација на идеите, а најдобрите продолжуваат со тримесечен период на менторска и финансиска поддршка во износ од 2.000 евра.