Во пресрет на утрешното рочиште на кое Собранието на доверители треба да се произнесе по однос на планот за реорганизација на „ФЕНИ Индустри“ АД во стечај, поднесен од страна на ГСОЛ со нивната македонска подружница „Еуроникел’, се отвора прашањето, зошто реорганизацијата е подобра од ликвидацијата на една компанија.
Ликвидацијата и впаричување на имотот е најлошата опција за „Фени Индустри“, а зошто е тоа така консултиравме и познавачи на двете опции и целата законска процедура. Еве го и ставот на ГСОЛ кои се единствен кредитор.
– Впаричувањето на имотот значи ликвидација на деловниот потфат и продажба на имотот на парче на електронска аукција која се спроведува преку платформата на Е- стечај. Спроведување на ликвидацијата значи и дефинитивен престанок на постоењето на должникот, а за поранешно вработените значи дефинитивна неможност да бидат вработени. Најчесто во праксата се случува доверителите во стечајната постака да добијат многу помалку од она што го добиваат во реорганизацијата, бидејќи ликвидацијата во стечајната постапка е многу подолготрајна и поскапа постапка од постапката за реорганизација – вели Дејан Костовски, експерт за стечај.
Според претставникот на ГСОЛ, единствениот доверител на „Фени Индустри“, Маркос Камхис, предлогот за ликвидација во најмала рака е непристоен.
– Не само што од самиот почеток, целта на доверителите беше да се спаси фабриката токму од ликвидација, тоа е најлошото сценарио за „Фени“ од безброј причини. Да биде многу појасно, ликвидација значи дека уште веднаш 1000 работници си одат дома, а со тоа се погодени цели семејства кои ќе го изгубат својот основен извор на егзистенција. Фабриката се гаси во целост, се ладат и се затвораат печките, а штетата по нив ќе биде огромна. Дури и во најдобро сценарио, ќе бидат потребни барем две години повторно да се отвори фабриката зашто самиот процес на ликвидација е околу една година и уште една е потребно за во целост да се ремонтира опремата. Околу 200 транспортери од кавадаречко остануваат без ангажман за превоз на руда и репро материјали, кои зависат директно од превозот на „Фени“, а барем уште стотина домашни претпријатија остануваат без приходи што ги добиваат од „Фени“. Не само што локалната заедница ќе остане со бројни невработени, без сите овие приходи што моментално се генерираат, исто и државата ќе остане пократка со значаен извоз кој директно влијае на БДП-то, и згора на тоа, има и дополнителна штета по репутацијата на државата како инвестициска дестинација – вели Камхис.
Тој уште додава дека ниту еден сериозен инвеститор што планира да работи со фабрика не предлага ликвидација. Ликвидација е опција за компании што немаат иднина и чиј имот се ликвидира односно распродава зашто за него нема друга намена. Камхис смета дека тоа не е случај со „Фени“. Вели дека за разлика од „Минстрој холдинг“, ГСОЛ има и рудни ресурси, и знаење и финансии, за „Фени“ без проблем преку планот за реорганизација повторно да стане лидер на пазарот за фероникел.
Реорганизацијата во стечајна постапка е посебна судска постапка која се спроведува во рамките на отворената стечајна постапка и е насочена кон максимизирање на наплата на побарувањата на доверителите што се влезени во стечајната маса а со примарна цел продолжување со работа на должникот т.е. компанијата. Тоа се случи и со „Фени Индустри“, каде сите доверители имаат откупени побарувања. Планот за реорганизација претставува склучување на посебен договор за порамнување на побарувањата кој пак започнува по заклучувањето на стечајната постапка кога компанијата должник, повторно се стекнува со правен субјективитет.
– Разликата помеѓу реорганизацијата и ликвидацијата како постапки за наплата на побарувањата се големи. По правило, со планот за реорганизација се предвидува намирување на побарувањата на доверителите со продолжување на деловниот потфат. Тоа значи и понатаму продолжува да постои стечајниот должник или да биде основан некој нов правен субјект, вработените на кои им престанале договорите за вработување поради отворената стечајна постапка, имаат приоритет за вработување во субјектот за реорганизација. По правило новиот субјект во реорганизација е правен следбеник на стечајниот должник. Со еден збор, целта на реорганизацијата е доверителите да ја максимизираат наплатата на своите побарувања преку продолжувањето на деловниот потфат на должникот – дополнува Костовски.
– Влеговме во оваа приказна за спас на „Фени“, пред се, затоа што ние веќе сме дел од никел бизнисот и го имаме целото потребно знаење за успешно работење на фабрика од ваков вид, а ги имаме и потребните рудни ресурси кои се основен предуслов за да се обезбеди иднина. Ние имаме фабрика за фероникел во Доминиканската Република, која успешно работи, имаме рудни ресурси и веќе сме дел од пазарот на никел. Во спасот на „Фени“ веќе вложивме 70 милиони евра за исплата на долговите, донесовме руда и ја рестартиравме фабриката која веќе 4 месеци произведува, извезува, а сите вработени ги задржаа своите работни места и своите плати. Со планот за реорганизација, се предвидуваат инвестиции во втора линија, раст и развој на капацитетите, зголемено производство и извоз, зголемен број на работни места – вели Камхис.