Контроверзниот 20-годишен американска рапер XXXTentacion е убиен во понеделникот попладне, во местото Дирфелд Бич, Флорида.
Раперот е убиен додека излегувал од салонот за мотори „РИВА моторспортс“, во местото кое е само 69 км оддалечено од Мајами. Според податоците од канцеларијата на шерифот на округот Броувард, XXXTentacion околу 16 часот по локално време го напуштил салонот кога му пришле двајца вооружени напаѓачи.
Најмалку еден напаѓач отворил оган на раперот, а двајца по нападот се оддалечиле со црн џип. Едниот од напаѓачите наводно носел црвена маска на лицето, а двајцата според достапните информации имале качулки. ТМЗ пренесува дека сведок на настанот слушнал повеќе истрелани куршуми, а на порталот може да се види и видео од телото на раперот во неговиот автомобил „БМВ“ пред да биде однесен во болницата.
XXXTentacion по нападот во коматозна состојба бил пренесен во болницата, но набрзо бил прогласен за мртов. Истражителите рекле дека инцидентот изгледал како обид за кражба. ТМЗ пишува дека наводно станува збор за заседа и дека од автомобилот на раперот била украдена торба „луј витон“.
XXXTentacion има издадено два албума – „17“, кој излезе во 2017 година, и „?“ кој излезе годинава. Албумот „?“ се најде на првото место на Билборд скалата на најуспешни албуми, а онлајн беше преслушан повеќе стотици милиони пати.
Раперот на своите албуми обработуваше теми како депресија, меѓутоа, кариерата му ја обележаа инцидентите на концертите и обвиненијата за насилство врз својата бремена девојка. Пред смртта беше пријавен за повеќе од 15 прекршоци.