Преку 140 експерти за управување со земјиште од над 30 земји и организации од Европа и Централна Азија на работилница во Скопје ги дискутираат препораките од Регионалната студија на ФАО за легислативата за окрупнување на земјоделските површини.
Во Македонија, како што беше речено, ФАО им помага на земјоделците да го решат проблемот со прекумерната расцепканост на земјиштето и недоволно развиената земјоделска инфраструктура.
– Измените на Законот за консолидација на земјоделското земјиште кои беа усвоени во мај годинава, се важен чекор кон ефикасно и транспарентно спроведување на активностите за окрупнување на земјиштето на терен, во согласност со најдобрите меѓународни принципи за консолидација – истакна експертот на ФАО за управување со земјиште Мортен Хартвигсен.
Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој ја отвори работилницата, консолидацијата на земјоделското земјиште е само почетна точка за создавање активни земјоделци – претприемачи кои ќе бидат подготвени да им конкурираат на земјоделците на европскиот пазар.
– За ефикасно спроведување на овој комплексен процес подготвени сме да ги научиме и прифатиме новите меѓународни трендови, идеи и начини на управување со површините како клучен ресурс во политиките за земјоделство и рурален развој – напомена министерот.
Тој уште еднаш укажа дека само 1,62 хектара е просечната големина на семејните земјоделски стопанства во Македонија на кои отпаѓаат околу 80 отсто од вкупното обработливо земјиште. Тие се расцепкани на пет или повеќе парцели.
– Ваквата структура на земјиштето го ограничува обемот на земјоделското производство, ги зголемува транспортните и производните трошоци и ја лимитира примената на современата технологија што крајно влијае врз конкурентноста на македонскиот аграр – подвлече Николовски.
Работилницата ќе трае три дена, а ја организира ФАО со поддршка на Министерството за земјоделство. Во фокусот, освен правната рамка за консолидација, се и проблемите со регистрацијата на земјиштето, како и родовите принципи и прашања во управувањето со површините во земјите од Западен Балкан. На работилницата учествуваат претставници од Албанија, БиХ, Белгија, Велика Британија, Грузија, Данска, Германија, Естонија, Латвија, Литванија, Малта, Молдавија, Русија, Украина, Унгарија, Србија, Словенија, Турција, Финска, Франција..