Американски судија ја одобри изградбата на ѕидот кон Мексико

Во реакција на одлуката на Куриел, американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека таа за него претставува „голема правна победа“.

202

Судијата Гонзало Куриел од Федералниот суд во Сан Диего синоќа го отфрли барањето за запирање на проектот на Администрацијата на САД за изградба на голем ѕид долж јужната граница кон Мексико.

Куриел во образложение на 101 страница, го отфрли барањето на група екологисти кои се противат на изградбата на ѕидот на границата кон Мексико, со образложение дека не постојат „сериозни уставни пречки“ во врска со планот на федералните власти.

Во реакција на одлуката на Куриел, американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека таа за него претставува „голема правна победа“.

– Сега овој важен проект може да продолжи – напиша Трамп на Твитер, додавајќи дека судијата застанал на страната на неговата Администрација.

Планот на американската Администрација предвидува изградба на ѕид на границата со Мексико, со кој би била заменета постоечката жичена ограда. Во текот на овој месец властите веќе започнаа со отстранување на речиси три километри од оградата во реонот на Калексико во сојузната држава Калифорнија, отворајќи простор за почеток на изградба на ѕидот.

Инаку, судијата Куриел стана попознат во американската јавност кога во текот на предизборната кампања во 2016 година, Трамп го критикуваше поради неговото мексиканско потекло.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...