Баварските сојузници на канцеларката Ангела Меркел, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), денеска ќе одлучат колку далеку ќе одат во спорот со германската лидерка во врска со миграцијата, кој ескалира во закана за нејзината Влада.
Премиерот на покраината Баварија Маркус Зедер изјави дека ЦСУ на денешниот состанок ќе донесе одлука за тоа дали ќе инсистира на политика за враќање на некои бегалци од германската граница, но федералниот министер за внатрешни работи Хорст Зехифер ќе треба да одлучи дали и како ќе ја примени политиката која би можела да доведе до прекин на повеќедеценискиот сојуз на ЦСУ со Христијанско –демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел.
– Денеска испраќаме сигнал за решеност – рече Зедер по доаѓањето на состанокот на претседателството на партијата во Минхен.
Зехофер и вчера истакна дека неговата партија нема намера да ја урива канцеларката Ангела Меркел и нејзината Влада, но и оти нема знаци за компромис околу мигрантите. Зехофер бара Германија да почне да враќа од граница некои азиланти, додека Меркел е против еднострана акција, тврдејќи дека тоа би ја ослабело Европската унија.
ЦСУ е решена да го покаже својот остар став кон миграцијата, во момент кога се соочува со државни избори во Баварија во октомври, и тврди дека тоа е најдобар начин да се намали поддршката за крајно десничарската партија Алтернатива за Германија.
На денешниот состанок во Минхен, раководството на ЦСУ веројатно ќе му даде на Зехофер зелено светло да го спроведе тој план, но не е јасно во која мерка лидерите сакаат планот да се примени, пишуваат локалните медиуми.
Ако Зехофер го спроведе планот еднострано, спротивно на Меркел, тоа би можело да предизвика верижни случувања који би можеле да доведат до пад на германската коалициска Влада.
Во исто време ЦДУ денеска во Берлин одржува состанок на своето раководство.