Италијанскиот премиер Џузепе Конте денеска изјави дека Италија работи на предлог за „радикална промена на парадигмата“ во начинот на кој Европа се справува со миграциите, а кој би се фокусирал на земјите на потекло и транзит на мигрантите.
Тој на заедничка прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека постоечките прописи на ЕУ за барања за азил не функционираат.
Поради тоа, рече тој, Италија планира да предложи интегриран пристап кон миграциите, откако Австрија ќе го преземе претседавањето со ЕУ на 1 јули.
Францускиот претседател Емануел Макрон инсистираше на тоа дека е потребна реформа затоа што одговорот на Европа на масовната миграција не е прилагоден на времето.
Според него, европската солидарност изминатите години не ја исполнила својата улога во однос на Италија, која е прва европска држава на мигрантската рута од Северна Африка.
Тој побара и подобра заштита на европските граници, наведувајќи дека постоечкиот систем не функционира.