Доста е. Навистина е доста, време е да се издигнеме над стереотипите „на комшијата козата“. Слободно бидете против договорот за решение на името и тоа кажете го јавно, напишете го, мобилизирајте јавност и граѓани да ве следат. И не треба да бидете етикетирани. Никој не треба да биде етикетиран како: неписмен, вмрон, комуњар, предавник, каур, арнаут… Доста е, луѓе. Ајде да почнеме од овој момент. Доста беа погребални венци, кофи боја, шамари општински, прогони, апсења по нарачка. Сериозно, доста е.
Ајде сега, како понатаму.
Бидете против, ама дајте простор за здраворазумска дискусија, за дебата, понудете аргументи зошто сте против. Можеби ќе успеете да мобилизирате некој, еве можеби и јас или некој како мене кој е цврсто убеден дека ова е повеќе од добро за идните генерации на Македонија, ќе се запрашам за некој елемент од договорот. Знам да слушам, сакам да слушам, но аргументи и факти.
Цврсти аргументи
Еве јас ќе ги изнесам моите аргументи зад кои стојам:
– Основата на договорот е тоа што во истиот е прецизно утврдено како Грција го толкува и поимува поимот Македонија и македонски, и тоа како ние за нас го толкуваме и поимуваме поимот Македонија и македонски.
– За нив МАКЕДОНИЈА е дел од Хеленскиот антички период и ова е така без дилема, не постои Универзитет во светов кој има поинакво толкување на овој факт. Ние немаме проблем со тоа исто.
– За нас Македонија е нашата земја во која живееле нашите предци, во која живееме ние, со која го идентификуваме нашиот етнички код и сме Македонци и зборуваме на македонски јазик и повторно во Грција немаат проблем со нашето поимување.
– Нашиот идентитет како Македонци, со сите атрибути, јазик, историја, културно наследнство. е затворено поглавје за Грција – за нив официјално сме Македонци и зборуваме македонски јазик.
Се повторувам, но мислам дека морам. Ова е утврдено на хартија официјално, значи не пишувам овде за желба нечија. Ние добивме потврда за терминот „Македонци и македонски јазик“ во договорот кој треба да биде потпишан, а потоа и ратифициран во парламентите на двете држави.
Дополнителни моменти со кои се зајакнува идентитетот:
– Нашата Химна, Грбот и Знамето остануваат какви што се и тука ништо не се менува.
– Во патните документи во графата државјанство/националноста (Nationality) е утврдено да биде „Македонско / граѓанин на Република Северна Македонија“.
– Република Грција по ратификацијата на договорот во нашиот парламент ќе испрати писмо во Брисел со кое укажува дека нема повеќе вето за наше членство во НАТО.
– Македонија во јули 2018 година де факто станува 30-та членка на Алијансата.
– Атина ќе испрати и второ писмо до Советот на министри на Европската комисија, во кое ќе препорача да добиеме датум за отпочнување на преговори за полноправно членство во Европска Унија.
– Овој датум, ви ветувам, кога ќе го добриеме, ќе го одработиме брилијантно, до таа мера што ќе го акцелерираме целиот процес со цел да ги скратиме роковите за влез во ЕУ. Ни треба и второ знаме македонско во Брисел, покрај тоа што ќе се развиори во седиштето на НАТО.
Шанса за „изгубените“ генерации
Јас сум убеден дека ова е вистинскиот пат за Македонија и за сите граѓани кој води кон економски развој, благосостојба, целосна слобода на движење луѓе, развој на културно и прогресивно општество во кое не само што сите сме еднакви, туку и секој ќе има шанса да го искористи својот потенцијал до максимум. Убеден сум поради заканата од нови изгубени генерации. Гледам, многумина овие денови ја користат таа фраза и сфаќам дека не само една генерација смета дека е изгубена, туку многу генерации го имаат тоа одвратно, би рекол бедно чувство.
Еве, мојата генерација 74/75 – се родивме во СФРЈ, а бевме првата генерација која не отиде на оние турите низ Југославија. Потоа бевме средно во последната година на СФРЈ и првата на независна Македонија. Додека ги поминувавме средношколските денови имавме војни од Словенија до кај нас, па бегалци, економски колапс, транзиција итн, итн…
Има многу генерации кои имале поинакви очекувања од тие кои ги оствариле, имаме генерации сега веќе и не толку млади лица кои немаат повеќе три години врзан работен стаж, а веќе наполните 40 години. Каде е нивната социјална сигурност? Каде е нивниот мир и какви планови можат да имаат за иднина? Имаме генерации млади луѓе кои се надвор од Македонија, одат по бродови, одат како студенти на два месеца, а остануваат илегално. Секој втор млад човек сака да замине од овде.
Заеднички деноминатор на сите овие „генерации“ е што сите се чувствуваат „изгубено“. Ете, заради сите овие „генерации“ оваа шанса мораме и требаме да ја зграпчиме.
Мораме бре луѓе едноставно мораме да им овозможиме еднаков старт на сите наши деца во земјава. Не зборувам овде да ги обликуваме, бидејќи тоа си е нивна работа. Зборувам да им овозможиме еднакви шанси за развој како и нивните врсници во Виена, Атина, Софија, Загреб, Љубљана. Кога ќе имаме шанси за еднаков старт и почеток, е тука веќе се поставени критериуми за премин од „земја во развој“, каква што сме сега, кон „развиена земја“.
И не зборувам само за младите генерации кои пристигаат,. Кога велам имаме шанса, мислам и на нашите генерации и сите оние кои го носат белегот изгубени – имаме можност да го избришеме.
Не го крвете народот!
За да ги поставиме овие критериуми ни треба „coaching”, ни требаа пријатели да ти пружат рака и да те повлечат, а денеска ги имаме. Договорот е јавно поздравен од целиот демократски политички свет, претпоставувам следите: од официјален Лондон, сите соседни земји, Брисел речиси сите претставници на ЕУ и НАТО, Генералниот секретар на ООН, па дури и од Москва. Ако ова не е аргумент дека сме на вистинскиот пат, што е?
На крајот, сакам да завршам со чиста и јасна порака дека одговорноста не е еднаква за сите во овој момент. Секој политичар во Македонија има голем товар за тоа каква одлука треба да донесе и кој концепт треба да го застапува. Не е иста одговорноста на Стојан Кирачиев од Тиквешијата, кој на Фејсбук во инбокс ми се заканува дека ќе ми сотре се живо, со одговорноста на политичар избран од граѓаните кој повикува на насилство. Со Стојан некој ден може и ќе се видиме ќе се напиеме може и по една ж’та, но Стојан не креира мислење, неговото мислење некој го креира. Стојан треба да ги има сите факти и аргументи пред да почне да пцуе на фејсбук, а уште повеќе пред да оди да гласа на референдум. Стојан треба да знае дека останува Македонец, дека останува да зборува на македонски јазик, а не да биде лажен и манипулиран дека некој му ја полни главата дека идентитетот му е загрозен.
Не е разбирливо, ниту ќе биде прифатливо, политичари да повикуваат на насилство и да креираат атмосфера на апокалипса. Немојте да го крвите народот, доста беше – доста. Покажете минимум одговорност, овозможете им на граѓаните на Македонија вистинска информација понудете им аргумент зошто да гласаат за или против и оставете ги да изберат. Ајде да ги оставиме сите поделби зад нас и кажете аргументи, па нека процени и донесе одлука народот, на кој сите се повикуваме.
Уште еднаш на крајот – бидете за или против слободно, ама да не ја спуштаме главата кога ќе се разминеме на улица. Оставете достоинство за да се поздравиме, па макар и без збор, со климање на главата.
(авторот е портпарол на Владата)