Деведесет и седум отсто од испитаниците во анкета што ја спровеле Делегацијата на германското стопанство и Македонско-Германското стопанско здружение сметаат дека нема потреба од зголемување на даночната стапка за личен доход за разликата од нето приходот кој е повисок од 900 евра на 18 проценти.
Со анкетата за Предлог-закон за оданочување на личен доход за разликата од нето приходот која е повисока од 900 евра од 10 проценти на 18 проценти, биле опфатени 70 компании.
Според резултатите анкетата што ги соопшти денеска Делегацијата на германското стопанство, 67 проценти од испитаниците одговориле дека при зголемување на данокот на доход разликата ќе ја одземат од платата на вработените, а 86 проценти сметаат дека одлуката за воведување на зголемен данок, негативно ќе влијае врз земјата.
Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство, како што е наведено во соопштението, за резултатите од анкетата го информирал министерот за финансии Драган Тевдовски, кој одговорил дека Предлог- законот ќе биде разгледан уште еднаш.
– Добиените резултати од оваа анкета се од големо значење за понатамошните одлуки за даночната политика која се води сега но и во иднина во Македонија. Компаниите се најголемите даночни плаќачи во земјата и од нив зависи целиот развој во стопанството, затоа сметаме дека нивното мислење е од клучно значење – оцени Мартенс.
На прашањето кои се приоритетите на компании во однос на реформите кои се спроведуваат, 37 отсто одговориле дека тоа е рамниот данок, 27 отсто изградба/подобрување на државната инфраструктура, 25 отсто од испитаниците очекуваат еднаков третман на домашни и странски инвеститори, а за 11 отсто фискалните олеснувања од државата.