Во кеш ќе може да се плаќа само до 2.000 евра

Се предвидува обврска за правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоците за нивните вистински сопственици, и се намалува износот на забраната за вршење на готовински плаќања од 15.000 евра на 2.000 евра.

1096

Целта на Предлог-законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, кој вчера беше усвоен на владина сеедница, е усогласување со одредбите од четвртата ЕУ Директива за спречување на употребата на финансискиот систем за перење пари и финансирање на тероризам од 2015 година.

– Согласно оваа директива, меѓу другото, се прецизираат и усогласуваат одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици и се предвидува воспоставување на регистар на вистински сопственици во рамки на Централниот регистар на РМ, информираше денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Со тоа се предвидува обврска за правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоците за нивните вистински сопственици, и се намалува износот на забраната за вршење на готовински плаќања од 15.000 евра на 2.000 евра.

Според Бошњаковски, овој закон содржи има три клучни компоненти.

– Првата е дека во 2014 година биле направени измени и од Законот се изземени носители на јавни функции да бидат под зајакнати контролни механизми за можност за перење на пари.  Ние ова го изменивме и проширен е опсегот на именувани функционери врз коишто ќе бидат применети зајакнати механизми, ќе бидат проверувани за можност за перење пари, рече Бошњаковски.

Втората работа, според него, е тоа што правните лица во регистарот ќе треба да ги впишат вистинските сопственици.

– Во моментов Централниот регистар нема обврска да има информација кое лице е вистински сопственик  на фирмата.  Со новиот закон се предвидува оваа обврска. Ова е клучен момент. Не може фирма, правно лице да биде вистински сопственик на друго правно лице, ќе мора да постои податок  во Централниот регистар кој со име и презиме е мнозински сопственик, рече Бошњаковски.

На седницата се утврдени и измените на Законот за трговски друштва со кои се предвидува да се изврши бришење на одредбите за тајни друштва за да се зголеми транспарентноста во правниот промет и да се намалат можностите за даночно затајување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...