Мал е процентот на прифатени предлози за промена на законската регулатива дадени од бизнис заедниците до Владата. Од вкупно детектирани 150 проблеми на компаниите поврзани со регулативата кои се разработени и усогласени во 35 документи, прифатени се само шест. Ова беше констатирано на денешната презентација на првиот агрегатен веб портал www.biznisregulativa.mk кој треба да им помогне на малите и средни бизниси да направат сопствена проценка на усогласеноста со регулативата и на едно место да ги видат усогласените ставови на бизнис заедниците кои се доставуваат до Владата.
– Процентот на прифаќање на предлозите од страна на институциите не е најдобар, иако сите усогласени документи на бизнис заедниците се доставени до Владата. Единствена причина за ова е можеби тоа што ние во своите предлози сме нејасни или пак институциите не разбрале што сме сакале да се постигне иако покрај иницијативите кои се добро обмислени има и решенија кои ги даваат бизнис заедниците – вели Љубомир Димовски, директор на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ во рамки на кој се реализира и создавањето на агрегатниот портал.
Тој како пример го даде Законот за јавни набавки како еден од најпроблематичните покрај Законот за работни односи и даночните закони.
-За овој закон имаме 25 предлози, но сѐ уште нема прифатено ниту еден. Интересно е тоа што Министерството за финансии учествуваше на средбите со бизнисмените, но колку што гледаме нема прифатено ниту еден од овие 25 предлози, кои патем се усогласени меѓу бизнис заедниците, односно Стопанската комора, Сојузот на стопански комори Комората на северозападна Македонија и МАСИТ – појасни Димовски.
Според него, малите бизниси кои немаат административни капацитети најчесто не успеваат да се усогласат со регулативата која често се менува.
– Нашето досегашно искуство вели дека треба уште многу да се работи на ова поле, посебно во делот на идентификување на ставовите на малите компании по однос на определени законски решенија и прописи. Подобрување на врските помеѓу компаниите, коморите и државата претставува континуиран процес и предизвик. Овој портал има цел да ја подобри комуникацијата и протокот на информации помеѓу коморите и компаниите во државата – вели Димовски .
Според него, на овој веб портал компаниите ќе имаат можност на едно место да се информираат, прашаат, самооценуваат но и воедно споделат своите проблеми и ставови за законите.
Директорот на канцеларијата за развој на УСАИД во Македонија, Едвард Гонзалез смета дека порталот ќе им помогне на бизнисите полесно да усогласат и да ја разберат сложената регулаторна рамка.
– Оваа регулатива е обемна и досега честопати се покажа како причина за конфузии и отежнато носење на одлуки кои чинат време и пари. Среќни сме поради помошта што ќе им ја понудиме на компаниите преку овој агрегатен портал и можноста за неговиот иден развој со цел да и служи на бизнис заедницата во Македонија.
Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива е спроведуван од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал во партнерство со Сојуз на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Македонија, Стопанска комoра на северозападна Македонија и МАСИТ. Преку активно учество во имплементацијата на проектот, коморите воедно ќе ги зајакнат и сопствените капацитети за подобро да ги застапуваат микро, малите и средните претпријатија и нивните интереси.