Вредноста на откупениот тутун оваа година е над 80 милиони евра, со субвенции од околу 28 милиони евра, тоа се над 108 милиони евра се на тутунарите.
Покрај големата важност што тутунот ја има за фармерите станувајќи составен дел од животот и основен егзистенцијален извор, подеднакво е важен и за државата како стратешка земјоделска гранка. Производството на тутун добива се поголема стратешка важност за државната економија и е значителна ставка во полнењето на државниот буџет.
Во годинешниот откуп се откупени 23.100 тони тутун со просечна цена од 217 денари за килограм, а субвенциите се очекува да бидат исплатени во месец април. Вредноста на откупениот тутун оваа година е над 80 милиони евра, со субвенции од околу 28 милиони евра, тоа се над 108 милиони евра кои се доход на тутунопроизводителите.
На позитивните биланси после откупот на минатогодишната реколта, се надоврзуваат уште и нагорните трендови во вредноста на извезениот тутун. Имено, тутунот во изминативе години во континуитет обезбедува приход од извозот од над 100 милиони евра. Или попрецизно, 139 милиони евра во 2017 година, што е пак повисоко од минатата година за приближно 20 милиони евра. Зголемување на извозот не тутунот е евидентирано секоја година постепено, се до рекордната вредност од последнава година.
Постепеното зголемување на вредноста на извезениот тутун, е дијаметрално спротивна на вредноста на увезениот тутун и тутунски производи, така оваа година увезено е тутун во вредност од 37 милиони евра што е за еден милион помалку од ланската година.
Кон истото укажуваат и вредностите од 3,2 отсто учество на тутунот и тутунските производи во БДП. Додека пак тутунот во вкупната индустрија на земјата учествува со 4 отсто.
Со прилив од извоз од над 100 милиони евра многу е извесно дека ќе продолжи политиката на субвенционирање, насока во која што е и најавата од Владата за зголемувањето на субвенција за следната година и субвенционирање по класи, со цел да им даде на земјоделците посилен поттик за континуирано квалитетно тутунопроизводство.
Сето тоа самото по себе говори колку тутунопроизводството е важно за стопанскиот развој на државата и колку тутунот е влезен во калкулациите и проекциите за стопанскиот раст на земјата.