Договорот сепак е фер, го сочувавме идентитетот!

Јас не сум среќен од промените и нема да рикам од радост, но сепак ќе кажам дека договорот со Грците не е понижувачки, туку е фер и достоинствен. Заев не прифати сè што беше побарано од него. Не прифати да се откажеме од нашиот национален идентитет. Тоа е најважно од сè!

4891

Јас ја разбирам нервозата на куририте, кои сега заеднички ја преобјавуваат мојата колумна од 14 мај под наслов „Верувам во Заев, нема да прифати сѐ што ќе побараат Грците!“. Порталот Курир ја цитира со нов, манипулативен наслов: „Героски: Договорот кој Заев го прифати е понижувачки пораз за Македонија“. Идејата е јасна и е во манирот на пропагандата која нивните налогодавци ги доведе до пораз и до исчезнување од политичката сцена.

Јас не бегам од кажаното. Да, во колумната напишав дека „останувам цврсто уверен дека Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Никола Димитров нема да прифатат едно такво, бесмислено решение, кое не е никаков компромис, туку понижувачки пораз за Македонија“. Да, како бесмислено го означив решението ерга омнес и за целосна домашна употреба. И секако, го напишав и ова: „Јас верувам во храбриот Зоран Заев, верувам дека нема да прифати сѐ што ќе побараат Грците“.

Јас и сега, како и на 14 мај, тврдам дека „употребата на новото име во домашниот правен сообраќај во нашата земја, како и во образованието и секаде каде што официјално се употребува името Република Македонија, за Грција не е никаква придобивка, а за оваа генерација македонски политичари, таквото ‘решение’ би било едно големо, историско понижување“.

Но, меѓу тогашниот грчки предлог и конечниот договор презентиран вчера во Скопје и во Атина, има две големи, крупни разлики:

Прво, променети се атрибутите со кои се дефинираат националноста (Macedonian / Republic of North Macedonia) и јазикот (Macedonian, со посебна додавка дека станува збор за јазик од словенската група јазици). Во наша полза. Овие атрибути цврсто го гарантираат македонскиот национален идентитет, кој беше оспорен во грчкиот предлог. Значи, Заев сепак не прифатил сè што бараа Грците.

Второ, со дефинирањето на македонскиот идентитет како одредница за националноста и надвор од нејзиното значење на државјанство, внатрешната употреба на новото име веќе не е целосна и јасно се дефинира како службена, во институциите на државата. Дали сум среќен со ова решение? Јасно кажувам – не! Дали ова решение има некаква смисла? Нема. Но, ме успокојува фактот што сепак никој нема да може да наложи преименување на народот, на националните институции и на атрибутите на нашиот национален идентитет. Ни дома, а богами ни во светот.

Најважно е тоа што остануваме тоа што сме – Македонци. Нема да бидеме „Северномакедонци“. Иако на многумина им се допадна и таа идеја. Нема да се откажеме од нашиот национален идентитет. Историските личности поврзани со нашата духовност, култура и историја, кои Заев во говорот ги спомна и поименично, нема да станат свенати „марули“, како што беа означени од некои луѓе кои мислат дека нашиот идентитет е безвреден и зрел за промена.

Ете затоа, сакам да кажам отворено – не, не сум среќен од промените и нема да рикам од радост. Но, сепак ќе кажам дека договорот не е понижувачки, туку е фер и достоинствен. Заев не нè изневери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...