Во 2017. ништо не се променило во јавните набавки

И во овој извештај се наведува корупцијата како проблем. 88 отсто од испитаните фирми сметаат дека има корупција во јавните набавки, но со различна оценка за нивото на нејзината присутност.

121

„Најниската цена“ како единствен критериум за доделување договор за јавни набавки, задоцнетото плаќање и потребната обемна документација за учество на тендерите се главните проблеми во јавните набавки што ги посочуваат фирмите, покажува последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации кој ги следеше јавните набавки спроведени од институциите на централно ниво за периодот јули-декември 2017 година.

Следени се набавките во кои учествувале анкетираните 210 фирми.

Во извештајот се констатира дека фирми чекаат просечно по 6 месеци и 21 ден за да ги добијат парите за завршената работа. Пред 2 години просекот изнесуваше 8 месеци, а лани 6 месеци.

Дури 95 отсто од фирмите сметаат дека на е-аукциите се постигнуваат нереално ниски цени и се занемарува квалитетот на набавките во однос на нивната цена.

И во овој извештај се наведува корупцијата како проблем. 88 отсто од испитаните фирми сметаат дека има корупција во јавните набавки, но со различна оценка за нивото на нејзината присутност.

„Најголем дел од фирмите, односно 47 отсто, сметаат дека во јавните набавки има корупција, но ретко; 5 отсто велат секогаш, а 36 отсто често. Само 12 отсто од фирмите се изјасниле дека во јавните набавки никогаш нема корупција“, се наведува во Извештајот.
Според анкетата доминантен дел од фирмите се изјасниле дека во тендерите на кои учествувале, почесто или поретко сведочеле на непочитување на Законот за јавни набавки.
„Дури 96 отсто од испитаните фирми никогаш или ретко се жалат на тендерите во коишто учествуваат, главно поради високиот надоместок за трошоците во жалбената постапка и недовербата кон ДКЖЈН“, се наведува во Извештајот.

Фирмите го оценуваат со 2,85 на скала од 1 (негативно) до 5 (одлично) вкупниот процес на јавните набавки во Република Македонија.

Споредено со минатото истражување, забележано е влошување на искажаното задоволство на фирмите што учествуваат на тендерите за 0,28 поени и оценката е повторно под 3.

Од Центарот за граѓански комуникации велат дека  абележано е рекордно ниско ниво на јавните набавки во 2017 година.

Вредноста на договорите за јавни набавки склучени во 2017 година изнесуваат 624 милиони евра, наспроти 962 милиони евра во 2016 година.

На годишно ниво 24 отсто од тендерските постапки се поништени, што е рекордно ниво од 2013 наваму.

Во 2017 година се склучени 496 договори за јавна набавка без објавување оглас, во вкупна вредност од 29 милиони евра. Дури 12 милиони, односно 42% од вкупната вредност на овие договори, им припаѓаат само на две институции, Министерството за образование и наука и АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ).

Лани фирмите доставиле 507 жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки (ДКЖЈН), што претставува намалување во однос на минатата година за околу 9 отсто.

Најголем дел од жалбите се доставуваат против донесените одлуки за избор на најповолна понуда (65%). Следната значајна основа за доставувањето жалби, со удел од 15%, се однесува на донесените одлуки на договорните органи за поништување на тендерите, додека, пак, 8% од жалбите се однесувале на тендерските документации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...