Во камерната сала на Македонската филхармонија вечерва од 20 часот ќе се одржи шестото издание на Фестивалот на млади виолинисти „Виолин фест“.
На ревијалниот концерт ќе настапат млади и талентирани виолинисти од музичките училишта од Скопје, Штип, Кочани, Прилеп и Косово, како и студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тие ќе изведат композиции од Вивалди, Крајслер, Равел, Сарасате, Ваксман…
Организатор на „Виолин фест“ и оваа година е Владимир Костов, виолинист и концерт-мајстор на Македонската филхармонија, чија идеја е на едно место да се презентира талентот на младите виолинисти од цела Македонија.
– „Виолин фест“ наедно нуди и отворање на концертната сцена и претставување пред поширок аудиториум на младите музичари за кои музиката е вистински предизвик – соопшти Филхармонијата.
Оваа година младите виолинисти на сцената ќе бидат придружени од пијанистката Марија Вршкова.
Фестивалот се реализира во соработка со Музичката младина на Македонија и Министерството за култура.