Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави вечерва во Белград дека Србија и Западен Балкан треба да бидат дел од Европската Унија, но датумот на пристапувањето на Србија не зависи од Брисел туку од Белград.
– Србија заврши импресивна работа на патот кон ЕУ, но мора да ги реши проблемите со владеењето на правото и правдата, како и да постигне правно обврзувачки договор со Косово – изјави Јункер по разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Од своја страна, српскиот претседател оцени дека постигнувањето на правно-обврзувачки договор со Приштина е најтешката пречка на патот на Србија кон членството во ЕУ.
– Важно е да се најде компромис со Албанците и да се постигне пријателство меѓу двата народа, за што Брисел е само посредник -изјави Вучиќ.
Јункер на прес конференцијата јасно порача дека земјите со билатерални спорови не може да станат членки на Европската Унија , говорејќи за спорот меѓу Белград и Приштина.
– Знам дека многумина зборуваат за 2025 и сакам да биде совршено јасно дека тоа не е ветување, тоа се перспективи, можности, охрабрување. Зeмја што сака да стане членка по големите напори, треба да биде охрабрена. Сите ваши напори не беа бесполезни -рече Јункер.
На прашањето за изјавата на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој рече дека Брисел од Србија бара харакири, Јункер одговори со шега:
– Нема да побараме од вашиот шеф на дипломатијата харакири, навистина не би сакал тој да направи нешто такво.