Владата на Канада ја поддржува Република Македонија во нејзините напори за реформски процеси и ние сме посветени на зајакнување на нашите билатерални односи, влучително преку трговија и инвестиции, рече амбасадорката на Канада Кати Чаба, на конференцијата во организација на Стопанската комора, Амбасадата на Канада и Македонската асоцијација за рударство (МАР) посветена на канадските искуства за одржливо рударство.
Претседателот на МАР, при СКМ, Николајчо Николов, рече дека очекува експертите од Канада да презентираат свои искуства во ситуација кога Македонија се наоѓа во една специфична, како што оцени „збунета ситуација“ во рударскиот сектор.
– Имаме разни движења против рударскиот сектор, така што имаме реален застој во овој сектор. Пративме прилично негативни пораки до инвеститорите кои треба да дојдат во Македонија и со вакви настани треба да се разјасни ситуацијата, да видиме како да направиме и кој е најправилниот пат кој треба да го заземеме за да се избориме за подобра иднина на жителите – рече Николов.
Канада е една од најразвиените во рударскиот сектор, и како што кажа претседателот на МАР, има разработено и методи и методологии за истражување и преработка на разни руди. Но, вели тој, покрај рударството може да има и развој на други дејности.
На настанот насловен како „Трилатерален дијалог за канадските стандарди за одржливо рударство“ присуствуваше и министерот за економија Крешник Бектеши кој истакна ќе информира за насоките и целта на македонската легислатива, што се однесува на оваа област.
– Што се однесува до оваа област, размената на искуства е добредојдена. Нашата цел е оптимално да ги искористиме сите минерални суровини, но тоа треба да биде согласно начелата за одржлив развој и потполно со начелата за заштита на животната средина – рече Бектеши.
Канадската Влада, како што кажа амбасадорката Кати Чаба, ја поддржува Македонија во нејзините напори за реформски процеси и ние сме посветени на зајакнување на нашите билатерални односи вклучително преку трговија и инвестиции.
Македонија, како што рече, е среќна што има пристап до минерални суровини кои доколку мудро се користат може да го зголемат стандардот за живеење на сите граѓани.
Чаба рече дека силно верува оти одговорното рударство може да одигра важна улога во економскиот раст и општствениот развој на земјата.
– Канада има одлична репутација во светот како бизнис лидер во користење на напредна рударска технологија и иновативен пристап во развојот и управувањето со рудниците. Очекувањата на Владата на Канада се дека канадските рударски компании и компаниите кои се занимаваат со истражување на минералните ресурси ќе ги промовираат канадските вредности и дека во нивното работење во странство ќе ги применуваат највисоките етички стандарди. Ние воспоставивме бројни мерки за да се осигураме во тоа – рече канадската амбасадорка.
Одговорно, одржливо рударство не мора да биде на штета на другите економски сектори, како земјоделството или туризмот, туку, како што истакна Чаба, може да коегзистира во храмонија со нив.
Според неа, канадските рударски компании можат да одиграат силна водечка улога демонстрирајќи високи стандарди, примена на одговорни практика за заштита на животната средина и општествената заштита и транспаретна комуникација во нивните проекти во Македонија.