Мјузиклот „Посетата на групата“ и „Хари Потер и проколнатото дете“ доминираа на доделувањето на американските театарски награди Тони.
„Посетата на групата“
Остварувањето необично за Бродвеј, мјузикл со поскромна продукција „Посетата на групата“ (The Band’s Visit) во неделата вечер освои награди во 10 категории, вклучувајќи ги и наградата за најдобар мјузикл и најдобра режија.
Претставата за Хари Потер очекувано доби шест награди, вклучувајќи ги наградите за најдобра претстава и награда режија.
Гленда Џексон беше наградена во категориата главна женска улога во „Трите високи жени на Едвард Алби“, додека Ендру Гарфилд беше награден за најдобра главна машка улога во претставата „Ангели во Америка“.
Во категоријата најдобра машка улога во мјузикл му припадна на Тони Шалуб („Посетата на групата“), а женската на Катрина Ленк за улогата во истоимениот мјузикл.
На музичарот Брус Спрингстин, кој настапи на доделувањето на театарските награди, му беше врачено признание за неговото шоу „Спрингстин на Бродвеј“.
На церемонијата настапија и актерите Роберт де Ниро, Кери Вашингтон, Џим Парсон, Клер Денс, Тина Феј, Били Џоел и други.
Тричасовната програма во Радио сити мјузик хол (Radio City Music Hall) во Њујорк ја водеа Сара Барејлис и Џос Гробан.
Скандал
И ова церемонија не помина без „скандал“. Имено, со Оскар наградениот актер Роберт де Ниро (74) во текот на церемонијата на доделувањето на наградите Тони упати навреда против американскиот претседател Доналд Трамп (71) во телевизискиот пренос во живо.
Де Ниро на сцената се појави за да го најави музичарот Брус Спрингстин (68).
– Ќе кажам само една работа. Е** се Трамп!“ – рече актерот, па ја повтори пцовката. Публиката во која седеа театарски актери, режисери и продуценти тоа го проследија со овации. Де Ниро не го објасни својот коментар и веднаш премина на подготвената најава за Спрингстин.
– Брус, ти можеш да ја размрдаш куќата како никој друг. Уф, колку тоа сега ни е потребно – порача актерот, додавајќи дека Спрингстин, како што и самиот вели, секогаш се борел за „вистината, транспарентноста и интегритетот во владата“.
Цензура на пцовката
Телевизиската мрежа Си-би-ес успеа да ја цензурира пцовката во живо на Де Ниро која ја следеа повеќе милиони гледачи, но акатерот го слушнаа оние во публиката и новинарите кои ја следеа церемонијата.
Наградите Тони се доделуваат за најдобрите претстави на Бродвеј, а минатата година ги гледаа шест милиони гледачи.