Даночни олеснувања за земјоделците со кои се очекува повеќе пари да останат кај оваа категорија граѓани, најавија денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.
Како што беше речено на денешната прес-конференција, се намалува прагот за регистрација на земјоделците од сегашните 1.300.001 денар на еден милион денари, а поврат на персонален данок ќе се врши за остварени приходи од земјоделска дејност до еден милион денари.
Услов е земјоделците да немаат остварено други приходи во текот на годината и да немаат даночен долг кон Управата за јавни приходи.
Повратот на платениот данок ќе го врши Управата за јавни приходи и ќе се реализира по службена должност, по истекот на годината во која е остварен приходот, односно откако ќе завршат постапките за утврдување на годишните приходи и данокот за таа година.
– Заради понатамошно поедноставување на постапката за поврат на данок за остварени приходи од земјоделска дејност до еден милион денари предвидена е измена и во Законот за даночна постапка со која Управата за јавни приходи ќе може да го изврши повратот на овие средства по службена должност, а тоа подразбира дека овие граѓани ќе немаат обврска да доаѓаат во Управата и да поднесуваат барање за поврат што само по себе одзема време и предизвикува трошоци на земјоделците и на органот кој треба да води постапка по нивното поднесување – појасни директорката на УЈП Сања Лукаревска.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кој присуствуваше на прес-конференцијата заедно со директорката Лукаревска, очекува до крајот на годината да се знае колку земјоделци ќе бидат опфатени со оваа мерка и колку повеќе средства ќе бидат вратени кај земјоделците.