Повеќето косовски медиуми денеска, со различни прилози, потсетуваат на годишнината од, како што наведуваат, капитулацијата на Србија по дваиполмесечната воена кампања на НАТО во 1999 година, јавува дописникот на МИА од Приштина.
На 10 јуни 1999-та година тогашниот генерален секретар на НАТО, Хавиер Солана издаде наредба за прекин на бомбардирањето врз тогашната држава Србија и Црна Гора, додека Советот за безбедност на Обединтетите нации истиот ден ја усвои Резолуцијата 1244, со која, меѓу другото, беа испратени 37.200 војници на КФОР од 36 земји.
Два дена подоцна, на 12 јуни, почна распоредувањето на пешадиските единици на НАТО, а истовремено и оддалечувањето на воените и полициски сили на Србија, командувани од тогашниот претседател Слободан Милошевиќ, кој година и пол подоцна беше предаден на хашкиот Суд за воени злосторства во поранешна Југославија, каде што и почина во 2006. додека траеше судењето.
Со влегувањето на НАТО, во Косово започна со работа и привремената мисија на ООН, која ја администрираше земјата во наредните неколку години.
Во исто време се растури и Ослободителната војска на Косово (УЧК), која се трансформира во Заштитни трупи на Косово (ФСК).
ФОТО: EPA/Srdjan Suki