Култниот режисер Квентин Тарантино на листата актери што ќе играат во неговиот најнов филм „Беше еднаш во Холивуд“, покрај Леонардо Дикаприо и Бред Пит, додаде уште еден легендарен актер – Ал Пачино, објави „Варајати“.
Ал Пачино во филмот ќе го глуми Марвин Шварц, агентот на ликот што ќе го игра Дикаприо, со што ова ќе биде прва соработка на холивудската ѕвезда со Тарантино.
На ѕвездената екипа ќе и се придружат и Демијан Луис (како Стив Меквин), Дакота Фенинг (Линет Фром, член на Семејството на Менсон), Лук Пери (Скоти Ленсер) и Николас Хамонд (како режисерот Сем Вонамејкер).
Дејството на „Беше еднаш во Холивуд“ се одвива во Лос Анџелес во 1969 година и зборува за актерот Рик Далтон (Дикаприо) и неговиот дублер Клиф Бут (Пит) кои се обидуваат да успеат во Холивуд кој веќе не го препознаваат.
Но, Далтон има многу позната сосетка – Шерон Тејт, покојната сопруга на Роман Полански, која беше убиена во осмиот месец од бременоста од следбениците на Чарлс Менсон.
ФОТО: јутјуб