„Тивка соба“ на Детска клиника за децата болни од рак

Оттаму најавуваат дека работат на еден голем проект, а тоа е изградба на Родителска куќа во која ќе престојуваат родителите чии деца се лекуваат на детската Клиника, а кои не живеат во Скопје.

969

Децата кои се лекуваат на одделението за хемато-онкологија на Детската клиника во Скопје, добија т.н. „тивка соба“ во која ќе имаат можност далеку од сите боцкања, болки и тешки терапии да земат здив и да си поиграат.

Оваа соба е од големо значење во процесот на лекување на децата, бидејќи во неа децата добиваат психосоцијална поддршка од волонтерите од Здружението САНО од Скопје, кое ја опреми собата со нов мебел и со игри и играчки, благодарејќи на добиените донации.

Покрај дрвените дидактички играчки, децата сега имаат можност да нижат монистра, да играат „Не лути се човече“, да редат коцки, да цртаат или едноставно да одморат надвор од нивната болничка соба.

САНО е здружение на родители и пријатели на децата лекувани од рак и нивните семејства, соединети во мисија да го подробрат квалитетот на лекување и животот на заболените деца и на нивните родители. Волонтерите од ова здружение сметаат дека се пријатели на децата од болница.

САНО се залага на секое дете заболено од рак да му биде достапно најдобро можно лекување, како и психолошка поддршка на целото семејство за да можат полесно да поминат низ долготрајното, болно и исцрпувачко лекување.

– Низ разни програми ги информираме и храбриме родителите и децата. И силно веруваме дека унапредувањето на квалитетот на животот на децата болни од рак во Македонија е заедничка мисија на сите нас, секој може да придонесе на свој начин. Се залагаме за правата на децата и нивните семејства, уважувајќи ги различностите и посебноста на секој поединец. Деновиве очекуваме да бидат испечатени неколку едукативно-информативни брошури кои се од огромно значење за родителите чии деца се во болница – велат од здружението САНО.

Оттаму најавуваат дека работат на еден голем проект, а тоа е изградба на Родителска куќа во која ќе престојуваат родителите чии деца се лекуваат на детската Клиника, а кои не живеат во Скопје. Престојот ќе биде комплетно бесплатен за нив.

– Наскоро со поголема група родители чии деца се бореле со рак, но и со пријателите на децата од болница, ќе се впуштиме во голема кампања за изградба на Дневна болница за децата болни од рак – велат од Здружението.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...