Технолошкиот парк ќе проработи до крајот на годинава

99

Сакаме да ја промовираме Македонија како место за тестирање на новите ИКТ технологии. Комбинацијата на отворени институции, капацитети за истражување и развој, висококвалификувани професионалци, финансиска и логистичка поддршка за нови иновативни компании и новата енергетска инвестициска околина, е совршена дестинација дури и за високо развиените ИКТ компании да ги тестираат своите нови технологии во Македонија, рече денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Манчевски учествуваше на GÉANT инфо денот и на промоцијата на GÉANT како пан-Европска академска и истражувачка мрежа. Пред учесниците на настанот, најави дека Технолошкиот парк треба да биде пуштен во употреба до крајот на годинава.

Според министерот, дигиталната трансформација е скап и комплексен процес за кој се неопходни инвестиции во инфраструктурата и во човечките ресурси.

– Технолошкиот парк е едео од проектите за обезбедување инфраструктурна и финансиска поддршка за иновативните активности. Владата ќе дејствува како ангелски фонд, кој ќе ги поддржи новите компании во нивните најризични фази на развој. Воспоставувањето модерен парк за наука и технологија е иницијатива која има за цел да ја зајакне конкурентноста на водечките индустрии во земјата и да го поттикне развојот на нови сектори – напомена министерот.

Технолошкиот парк е мерка за поддршка на микро, мали и средни претпријатија како еден од трите столба на Планот за економски раст на Македонија. Останатите два столба се однесуваат на мерки за финансиска поддршка за нови гринфилд и браунфилд инвестиции, создавање нови и подобри работни места, технолошки развој и истражување, како и подобрување на деловната соработка и неповратната поддршка за компаниите.

– Овие два столба ќе се имплементираат преку новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите – информира Манчевски според кој придобивките од реализација на мерките предвидени во овие три столба се големи: поддршка на новите претпријатија, намалување на невработеноста, зајакнување на конкурентноста, ефикасност и продуктивност, поттикнување на соработка помеѓу домашни и странски компании, како и зголемување на инвестициите.

Во првиот квартал од оваа година Македонија, нагласи министерот, оствари рекордно високо ниво на странски инвестиции.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...