Првпат работам со голем оркестар и ова е мојот најпосакуван сон, рече африканскиот музички уметник Феми Кути на денешната прес-конференција, кој заедно со неговиот бенд „Позитив форс“ и оркестарот на Македонската филхармонија, ќе одржи концерт под отворено небо на 7 јуни во Градскиот парк во 21 часот.
Македонската филхармонија, Кино Милениум и Град Скопје, на 6 и 7 јуни организираат два атрактивни настани кои што ќе се случат под отворено небо, во Градскиот парк во Скопје, од кои едниот е концертот на Феми Кути, додека на 6 јуни во 22 часот, ќе се случи настанот „Кино на отворено“, на кој ќе биде прикажан повеќенаградуваниот македонски филм на Ѓорче Ставрески – „Исцелител“.
На денешниот прес, покрај Феми Кути, присуствуваа и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, диригентот Џијан Емин кој е задолжен и за оркестарциите на музиката на Кути, како и Филип Ивановски, извршен директор во компанијата „Пакомак“, компанија која е пријател на Македонската филхармонија.
– Со концертот на Феми Кути официјално ја отвораме летната културна сезона во Скопје. Филхармонија годинава ќе се претстави во поинакво светло, а го отвораме и летното кино во Скопје со филмот „Исцелител“ кој е добитник на врвни меѓународни награди. Град Скопје работи на враќање на вистинските вредности кога е културата во прашање – рече Шилегов.
Директорот на Филхармонија Илиески рече дека Македонската филхармонија ја има честа да биде домаќин на еден прекрасен концерт, со врвниот Феми Кути
– По големата европска турнеја, тој со неговиот бенд доаѓаат во Скопје и првпат неговата музика ќе звучи со симфониски оркестар. Ќе реализираме и втор настан кон крајот на јуни, исто така на отворено, за кој дополнително ќе известиме. А овој пат, публиката ќе има можност да слушне музика во која се соединуваат афро ритмите со џезот и класичната музика – рече Илиески.
– Компанијата „Пакомак“ од самото отворање на новата зграда е еко пријател на Македонската филхармонија. Така и за овој настан. Имаме за цел да ја поттикнеме публиката која што ќе дојде на концертот, по завршувањето да ги собере отпадоците и да ги селектира во кантите на „Пакомак“. Се надеваме дека по концертот Градскиот парк ќе биде чист“ рече Филип Ивановски.
Славниот музичар и борец за човекови права Феми Кути, изрази огромно задоволство што е во Скопје и што неговата музика ќе биде изведена со симфониски оркестар.
– Среќни сме што сме гости во вашата земја. Ова е град со прекрасни луѓе. Првпат работам со симфониски оркестар и тоа за мене е како бајка која се оствари. Веројатно, ова е најголемата работа што ја правам во животот. Џијан Емин ја познава мојата работа и согледа дека може музиката да звучи добро со симфониски оркестар. Затоа јас него го нарекувам брат, затоа што тој знаеше дека е ова вистинска работа, а јас сум среќен што не ја испуштив оваа ретка и прекрасна можност – истакна Феми Кути.