Стефоска: Да не дозволиме Охрид да стане „светско наследство во опасност“ како Ирак и Сирија

100

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и Коалицијата, преку Комисијата за култура во Собранието, активно се вклучува во процесот на заштита на Охрид и охридскиот регион, чиј статус на светско природно и културно наследство, поради повеќегодишните штетни политики беше доведен во опасност, изјави пратеничката Ирена Стефоска.

– Сведоци сме дека изминативе години Охридскиот регион, кој иако е едно од 35 природни и културни наследства во светот, беше „жртва“ на бесмислени политики, на несоодветна градежна експанзија и на небулозни проекти. Комисијата за култура активно ќе го следи спроведувањето на законската регулатива, нејзината функционалност и реализирањето на одлуките на Комитетот на УНЕСКО, од каде нe предупредуваат, дека, доколку не се спроведат препораките во следните две години, односно до крајот на 2019 година, постои сериозна можност Охридскиот регион да биде впишан на листата на светско наследство во опасност – изјави пратеничката.

Таа додаде дека ваков статус, „светско наследство во опасност“ стекнуваат подрачја како што се Ирак, Сирија и други, зафатени од војни.

– Имајќи ги сите околности предвид, во тек е надзорна расправа, јавно сослушување чија цел е да ги опфати сите аспекти за состојбата со нашето светско природно и културно наследство како што се погрешните политики во минатото, штетните последици што таквите политики ги предизвикале, вклучително и насоките за активностите што се преземаат, за Охрид и охридскиот регион да ги вратиме на пиедесталот што им припаѓа. Парламентарниот надзор од страна на Комисијата за култура се спроведува во период кога Владата на Република Македонија ги стопираше штетните проекти, коишто беа причина за Извештајот на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, и кога надлежните институции веќе преземаат различни активности согласно одлуката на Комитетот на УНЕСКО – рече Стефоска.

Таа најави дека на денешното продолжение на надзорната расправа се концентрираат на надлежностите и одговорностите што ги имаат јавните и националните установи, како и управите од различни области одговорни за заштита, управување и надзор на состојбите во Охридскиот регион.

– Од исклучително значење е доследното почитување на законската регулатива, како и целосно интегрирање на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природно и културно наследство во нашето законодавство.
Едно е, вредно е, наше е, светско е! Верувам дека надзорната расправа ќе биде успешна и очекувам заклучоците што ќе произлезат од неа, да бидат обврска за надлежните институции.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...