Две нови злата за вината на „Тиквеш“ и „Домен Лепово“

Медалите вината на „Тиквеш“ ги добија на вински натпревари во Белгија и Франција

182

Врвните македонски вина на Винарската визба „Тиквеш“ и бутик винарницата „Домен Лепово“ освоија две нови златни и шест сребрени медали на реномирани светски вински натпревари кои се одржуваат во Белгија и Франција.

Поконкретно, на годинешниот вински натпревар „Concurs Monddial de Bruxelles“ што се одржа во Брисел, на виното „Т’га за југ“ од бербата 2016-та му е доделен златен медал, а сребрени медали добија пет вина, и тоа: „Александрија куве (црвено)“ и „Вранец Special Selection“ од бербата 2016-та, „Темјаника Special Selection” и „Барово (бело)“ од бербата 2017-та, како и „Домен Лепово гранд куве“ од бербата во 2015-та година.

Речиси истовремено, на натпреварот „Les Citadelles du Vin 2018“ кој се одржа во Бордо, Франција, црвеното „Гранд куве“ од премиум брендот „Домен Лепово“ од бербата 2015-та е наградено со златен медал, а на „Вранец Special Selection 2016“ му е доделен сребрен медал.

На најпрестижните светски вински натпревари кои традиционално се одржуваат во првата половина од годината, вината на „Тиквеш“, досега оваа година освоија дури 50 медали и специјални признанија за квалитетот на своите врвни вина, со што најголемата домaшна винарница во светски рамки го зацврстува стекнатото реноме како најнаградувана винарница од Југоисточна Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...