Собраниската Комисија за труд и социјална политика на денешната седница ја заврши амандманската расправа по Предлог законот за приватните агенции за вработување, во второ читање.
Во рамките на расправата Комисијата прифати еден амандман предложен од пратеници од владејачките партии, а одби три амандмани поднесени од опозицијата по што опозициските пратеници го повлекоа нивниот четврти амадман.
Со усвоениот амнадман се овозможува пренесување на сопственоста на приватните агенции за вработување од едно лице на друго со што, тие, како што рече заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, практично се изедначуваат со трговските друштва и се овозможува на лицата кои се вработени преку приватната агенција да им се продолжи статусот на вработен доколку од различна причина сопственикот на агенцијата реши да го продаде својот бизнис. Со претходното решение, како што појасни, сите времено вработени по автоматизам го губеле статусот на вработен доколку агенцијата престанала да постои заради различни причини, бидејќи било забрането да се пренесува сопственоста.
Отфрелни беа амандманите на опозицијата со кои се бараше приватните агенции за вработување да плаќаат надомест за добивање лиценца за работа, да се одзема лиценцата за работа доколку агнецијата го намали бројот на вработени под минимално дозволениот, како и да се намали времето за активирање на банкарската гаранција од предвидените три на два месеца доколку агенцијата не ги надмири обврските кон лицата вработени преку неа, односно доколку три месеци не им исплати плата.