Претседателот на Управниот одбор на Винарската визба „Тиквеш“ и член на инвестициската група М6 – Светозар Јаневски е добитник на годинашната награда „SEE Personality 2018“ за личност на годината во Југоисточна Европа. Оваа специјална награда на Јаневски му е доделена во рамки на 8. Фестивал на кинематографиите на Југоисточна Европа „SEE a Paris“.
Нејзини добитници се истакнати личности од регионот кои со својата активност и поддршката што ја обезбедуваат за културата, уметноста и останатите значајни општествени дејности значително придонесуваат за негувањето на европските вредности и севкупната европеизација на регионот на Југоисточна Европа.
На осмиот „SEE a Paris”, кој се одржа од 30 мај до 2 јуни во Париз, беа прикажани играни, кратки, документарни и анимирани филмови од 15 земји од регионот, меѓу кои и од Македонија. Признанието на Јаневски му е доделено на церемонијата на доделување на наградите на 2 јуни во амфитеатарот на INALCO, Paris Cite Sorbonne.
Од оваа година овој фестивал се одржува под покровителството на Министерството за култура на Франција.