Меркел одговори на Макрон, Еврокомисијата ги поздравува пораките

Ангела Меркел првпат ги открива своите позиции пред јунскиот самит на шефовите на држави или влади на земјите членки, каде ќе се преговара за реформата на Еврозоната.

282

Европската комисија ги поздрави пораките на германската канцеларка Ангела Меркел за реформи на Европската Унија и Еврозоната, дадени викендов за германски медиум, изјави денеска портпаролот на ЕК, Маргаритис Схинас.

– Ги поздравуваме забелешките на Меркел за зајакнување на европското единство, особено делот во кој таа се согласува дека преговорите за повеќегодишната финасиска рамка треба да бидат склучени пред европските избори во 2019 – изјави Схинас.

Европската комисија сега очекува дека на наредниот самит во јуни земјите членки на ЕУ ќе направат конкретен напредок.

– Ја повторуваме нашата увереност дека јунскиот самит нема да биде самит на кој повторно зборуваме, туку на кој ќе донесеме одлуки – нагласи Схинас.

Меркел во интервју за „Франкфуртер Алгемајне Зонтагцајтунг“ првпат одговори на предлозите на францускиот претседател Емануел Макрон за реформа на ЕУ и на Еврозоната.

Макрон уште пред речиси една година се изјасни за поинтегрирана Еврозона со „заеднички буџет“ и „министер за финансии“, но без да соопшти повеќе детали.

Меркел во интервјуто изрази негодување со идејата дека долговите на земјите членки треба да бидат заеднички.

– Солидарноста меѓу партнерите во Еврозоната никогаш не смее да доведе до заедница на долгови, туку треба да им се помогне на другите да си помогнат себеси, оцени Меркел, исклучувајќи ја можноста Европската централна банка да го намали италијанскиот долг.

Таа нагласи и дека Европскиот механизам за стабилност (ЕМС), кој нуди финасиска помош на земјите членки, треба да стане Европски монетарен фонд (ЕМФ), кој би можел да дава краткорочни кредити од пет години, под одредени услови.

Таквиот фонд би имал надлежност и да ја оценува самостојно економската состојба на земјите членки, како и одржливоста на нивните долгови. Фондот, според неа, би бил контролиран од националните парламенти на членките, а не од Европската комисија.

Германската канцеларка предлага финансиските преговори за буџетот на ЕУ по 2021 мора да бидат склучени пред следните европски избори, на кои се очекува евроскептичните партии да го зголемат своето влијание во Европскиот парламент.

Со ова интервју Ангела Меркел првпат ги открива своите позиции пред јунскиот самит на шефовите на држави или влади на земјите членки, каде ќе се преговара за реформата на Еврозоната.

Во економскиот дел германските ставови остануваат оддалечени од визијата на францускиот претседател Макрон.

Меркел се покажа поблиска до француските ставови во делот за создавање заедничка европска одбрана и изјави дека „позитивно“ гледа на предлозите на Париз.

Гермнската канцеларка исто така смета дека во иднина треба да се намали бројот на европски комесари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...