Доколку може да му се верува на британскиот магазин „Тајм аут“, Сингапур и Истанбул се најздодевните и најмалку возбудливите градови на светот.
И додека Истанбул не се грижи за овие вести, на Сингапур ова и тоа како не му се допадна.
Имено, листата „Сити лајф индекс 2018″ беше објавена откако биле анкетирани 15.000 луѓе, кои го прогласиле Истанбул за најздодевен град, а Сингапур се најде веднаш по него.
На врвот на листата за најзабавни градови се најде Чикаго, а потоа следуваат Порто и Њујорк. Најважните фактори за изборот биле гастрономската и културната понуда, љубезноста, среќата и чувството на задоволство.
Што се однесува за Сингапур, анкетираните ја пофалиле безбедноста и јавниот превоз, но многумината дале ниски оцени за културната понуда, а само 17 отсто од анкетираните изјавиле дека во Сингапур секогаш може нешто да се прави и да се посети.
Ова предизвика лутина кај Сингапурската туристичка заедница која на својата Фејсбук страница објавила видео од 56 секунди со иронична порака „Сингапур е здодевен, тука нема што да посетите”.
Во видеото се прикажани трките на Формула 1, филмските студија, научни и уметнички музеи, но снимки и од ресторанот кој ја носи Мишелиновата ѕвезда.