„Pu:rest“ е прво шведско пиво кое е настанато од пречистена канализациона вода, а истото е дело на стокхолмската пивара „Nya Carnegiebryggeriet“ во соработка со Шведскиот институт за животна средина.
Необичното издание на еден од омилените пијалаци во светот е направено со надеж дека ќе ја подигне свеста за фактот дека на планетата нема доволно вода за пиење и дека е неопходна технологија за прочистување на отпадните води.
Според тврдењата на креаторите на ова пиво, идејата е да се избегнат сите предрасуди бидејќи многумина се и понатаму скептични кога станува збор за пречистена отпадна вода, и покрај современата технологија која совршено го прави тоа.
Водата која е состојка на новото пиво користи низа бројни мерки за пречистување и истата е под контрола на Шведскиот институт за животна средина. По ригорозните тестови за квалитет, водата се испорачува во пиварата.
Крис Тургесон од шведската пивара изјавил дека компанијaта не можела да одолее на предизвикот кога се соочила со овој предлог од страна на Шведскиот институт. Според неговите зборови, било природно да се проба пивото „Pu:rest“ кое компанијата го опишала како „органско и кристално чисто пиво“.