Што содржи планот за реорганизација на ФЕНИ?

Од рестартирањето на ФЕНИ до сега веќе се произведени над 2.500 тони никел, има континуиран извоз, а се ангажирани и 200 локални компании кои го вршат транспортот од пристаништето во Солун и од Албанија.

165

Со дополнителна инвестиција од 10 до 15 милиони евра во реконструкција на втората печка, со нејзиното рестартирање и зголемување на производствените капацитети и норми од 19.000 до 21.000 тони никел годишно, ГСОЛ, преку своето претставништво ЕуроНикел планира да го врати некогашниот статус на ФЕНИ – најголем производител на никел во Европа.

Од компанијата соопштуваат дека со рестартирање на втората печка, што е ставено како приоритет, како и користење на висококвалитетна руда и репро материјали, ќе се зголемат производните капацитети до целосна искористеност, што ќе доведе до овие придобивки. Натамошни инвестиции, зголемувањето на платите на вработените, но и на бројот на вработени, се исто така дел од планот за зголемување на производството.

„Сите овие чекори за враќање на ФЕНИ на патот кон сигурна и стабилна иднина, ќе следат по завршување на стечајниот процес, што се очекува да биде комплетиран наскоро, а од септември да почне да се реализира втората фаза од планот за стабилизација и проширување на производството“, стои во соопштението.

Ваквиот план е презентиран пред Одборот на доверители и дадено е позитивно мислење. Следи,како што соопштуваат, истиот да биде прифатен и од стечајниот управник и стечајниот совет.

Според ГСОЛ, ЕуроНикел со досегашните вложувања во ФЕНИ, повеќе од 70 милиони евра, се оправдуваат намерите што моменталниот закупец на ФЕНИ ги има.

„Истите се поткрепени од досега покажаниот и потврден потенцијал за раст на комбинатот, како и стручноста на вработените. Потврда за големите потенцијали на ФЕНИ, доаѓа и од фактот што многу веќе е постигнато со работа само со една печка, со што ставање во функција на втората, неминовно ќе доведе до потреба од нови вработувања и дополнителни договори со надворешни фирми“, наведуваат во соопштението.

Од компанијата додаваат дека дел од процесот за успешно рестартирање на ФЕНИ, ЕуроНикел го започна со договорот за закуп на кавадаречкиот комбинат со што е спречено и дополнително пропаѓање во долгови со целосна исклученост на печките и на производството.

– Од рестартирањето на ФЕНИ до сега веќе се произведени над 2.500 тони никел, има континуиран извоз, а се ангажирани и 200 локални компании кои го вршат транспортот од пристаништето во Солун и од Албанија. Оттогаш до денес увезени се над 200 илјади тони руда од рудниците на ГСОЛ во Африка, како и од Индонезија, а во план е и увоз на руда од Латинска Америка- информираат од компанијата.

Со тоа, според нив, се обезбедени доволно ресурси и технички потенцијал за континуирано перспективно производство. Во меѓувреме, наведуваат, зголемени се и платите на вработените кои вклучуваат и бонуси, од претходните просечни 23.000 денари, на 27.000 денари, со натамошен растечки тренд кој го следи порастот на производството. Од компанијата, велат дека во план се и други стимулации за вработените.

И покрај покажаниот позитивен тренд на ФЕНИ, сепак капацитетите на компанијата сѐ уште не се искористени. Затоа, планот на ГСОЛ, ЕуроНикел е постепено да се зголемува производството, да се инвестира во развојот, со цел да има стабилно и долгорочно производство, а со тоа и иднина за компанијата, за што основата веќе е поставена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...