Осврт на „Проект М“ – игра, документ, повторување

Тивко, ненаметливо пред присутните љубители на современиот танц во фоајето на Македонската филхармонија, започна структурирањето на кореографската замисла на Еагли и Шукарова.

103

Во продукција на познатата балерина, кореограф и професор на Академијата за балетска педагогија д-р Искра Шукарова, а со цел воспоставување нови соработки со познати балетски уметници-танчери и кореографи од сферата на современиот танц, од регионот и пошироко во светот, на 31 март оваа година во фоајето на МОБ, беше изведен „Проект М“ во кореографија на Нелсон Валмор, танчер и кореограф од Словенија и Искра Шукарова. Видео записот беше на Жосиман Коритхинас, учестуваа студенти на Академијата за Балетска педагогија, смер Современ танц во класата на проф. Искра Шукарова.

Перформансот е замислен како работилница во два дела инспирирана од ИГРАТА М.

„Ќе навлеземе, велат Валмор и Шукарова, во процесот на создавање на танцот преку методот на игра и принципот ПЛАЗМА, со цел да се развие кинестетичко физичката интелигенција, па преку движењето да се одговори на прашањето „Што ми е потребно“, за потоа да се продолжи со потрагата и да се користат различни и постојано менливи движечки изрази“… итн.

Во вториот дел тие се фокусираат на тоа како уметнички да го употребат тоа што е повторено на документаристички начин. Документарната страна на повторувањето, велат тие, е алатка што ја користиме за да ја играме играта „М“.

Што значи дека работилницата е еден вовед во соработката со изведувачите (студентите) кој почива врз одреден принцип, кој потоа се развива пронаоѓајќи нови симболи, нови можности за телесното изразување при создавањето на играта. А играта, или поточно движечкиот материјал, проследен со звучни елементи, се развиваше тука пред нас, зад нас, околу нас низ целиот отворен простор, во преддворието на големата сала на МОБ. А студентите чија едукација се базира врз начелата и принципите на еден од најпознатите танчери, кореографи истражувачи и теоретичари Рудолф фон Лабан, основач на германскиот танцов експресионизам.

Истражувач, кој својата истражувачка дејност ја насочува кон експериментирањето на движењето што телото може да го направи во просторот и времето. Од таквите соочувања со просторот Р. Фон Лабан ги создава просторните планови и начела, кои ја одредуваат, односно кодифицираат одредени можни форми и насочувања при движењето на телото. Токму таквата нивна игра (на студентите) им овозможи мошне вешто да го совладуваат и вклопуваат во архитектонски различниот просторен амбиент.

Во рамките на ваквите нови соработки, иницирани од д-р Искра Шукарова, на 29 април Светскиот дан на танцот, во просториите на Македонската филхармонија беше изведен проектот „Чудна шума“.

Перформанс во кореографија на Урсула Еагли, танчерка и кореограф од Соединетите Американски Држави и Искра Шукарова. Музички соработник Џијан Емин, учесници Урсула Еагли, Искра Шукарова, Д. Антевска, Ј. Јачовска, Б. Мицев, Ј. Петровска Р. Стефанова, А. Маркоска, М. Ристеска, Т. Ежовска, Х. Ангеловска, С. Лефтеровска, М. Гаврилова, Т. Василевска, Е. Костадинова, Г. Димчева, А. Костадиновска, О. Серафимова.

Тивко, ненаметливо пред присутните љубители на современиот танц во фоајето на Македонската филхармонија, започна структурирањето на кореографската замисла на Еагли и Шукарова. Па полека движејќи се низ тој простор, со навидум импровизирани, но свесно изведени прецизно поставени движења, изведувачите нѐ воведоа во големата концертна сала, каде што продолжи невербалната комуникација со чинителите на овој перформативен чин. На чистиот сценски простор, без декор и илуминативни ефекти, просторно се мапираше целокупниот изведувачки состав на овој проект насловен „Чудна шума“.

Вдахновени од идејата, звучните ефекти, ономатопеите, форката на движењето и кореографските танцови конструкции, танчерите со изразена кинестетичка енергија, хармонизирана интерактивност преку минималистички, но и силно енергични ниски скокови, и лузионистички нѐ пренесуваа во таа „Чудна шума“.

По бурниот аплауз, упатан до авторите и изведувачите, на сцената стапија девојчињата и момчињата со Даунов синдром. Со насмевка на лицето, наредени во формација на хор, ја ислушаа македонската порака, по повод Светскиот ден на танцот 29 април. Пораката беше упатена од Марко Мицов, млад балетски уметник, кој својата балетска наобразба ја стекнал во балетското училилиште при ДМБУЦ „И. Николовски-Луј“, во Скопје, во класата на проф. С. Здравкова Џепаровска, а кариерата интезивно ја гради во една од големите балетски компании во САД. Пораката ја прочита Нина Костовска од Центарот за Даунов синдром.

Ден потоа, во една од салите на ФМУ-УКИМ беше промовирано списанието „Даунов синдром 24+“ и прирачникот „Како да научат танцување децата со Даунов синдром“ инициран од проектот на ЦДС „И јас сакам да бидам балерина“. Публикацијата подготвена од ЦДС, финансиски е поддржана од ЕУ и УНИЦЕФ како дел од проектот „заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...