„Скопје Ист гејт“ ќе му даде нова содржина на просторот на Скопски саем

Станбениот комплекс ќе има паркови, рекреативни содржини, два амфитеатри, како и зелена површина од 25.000 квадратни метри.

569

Инвестиција од 350 милиони евра, преку 250 продавници со светски брендови и над 2.000 работни места ќе донесе проектот „Ист гејт“ што групацијата „Балфин“ го претстави како своја визија за нов и модерен симбол на Скопје.

„Ист гејт“ е планирано да зафати 152.000 квадратни метри површина. Сместен на помалку од два километра од центарот на градот, во близина на главни сообраќајници, ќе има трговски центар, дел за домување и канцелариски парк од највисока класа.

Пороектот зад кој стои групацијата „Балфин“, синоќа му беше презентиран на премиерот Зоран Заев.

– Ова ново мало чудо што вечерва го нудите преку екраните, а во пракса ќе биде здание што ќе го краси главниот град на Македонија, убеден сум дека уште еднаш ќе ја потврди вашата деловна креативност, ќе помогне во економскиот раст на Македонија, ќе отвори нови работни места и секако, ќе биде нешто кое што ќе биде наше, заедничко- истакна Заев.

„Ист гејт“ ќе содржи трговски центар со нето површина за изнајмување од 51.000 квадратни метри, резиденцијален комплекс со 1.600 станбени единици и пет канцелариски згради со вкупна површина за изнајмување од 67.000 квадратни метри. Шопинг центарот ќе биде најголем во регионот на Македонија, Косово и Јужна Србија и освен голем број светски брендови, ќе има многу содржини за забава, фитнес и паркинг за повеќе од 2.000 автомобили.

Станбениот комплекс ќе има паркови, рекреативни содржини, два амфитеатри, како и зелена површина од 25.000 квадратни метри.

Во оваа фаза се размислува „Ист гејт“ да стане првата населба во Скопје чии што становите ќе бидат приклучени на природен гас за домаќинства. Покрај сегментите за шопинг и за домување, проектот ќе го содржи и првиот канцелариски парк во земјава од „А“ класа. Овие објекти ќе бидат сместени во непосредна близина на булеварот „Александар Македонски“, што на идните закупци ќе им обезбеди уникатна видливост. Целиот проект се планира да се комплетира во период од пет до седум години.

Автор на проектот е едно од најголемите архитектонски студија во Турција, Yazgan Design Architecture Inc. кое има освоено низа меѓународни награди како LEAF, European и International Property Awards за проекти како Hamamyolu Urban Deck – Eskisehir, YDA Center Ankara и за Volkswagen Arena Istanbul.

– „Балфин“ е компанија чиј бизнис е фокусиран не само на создавање економски, туку и на општествени вредности на пазарите на кои што работи. Искрено сакаме да го подобруваме животот на заедницата и нејзиниот развој, да ја заштитиме животната средина и да го збогатиме културниот и обрзовниот процес. „Ист гејт“ ќе се придржува до сите овие вредности и затоа веруваме дека проектот ќе биде инспиративен не само за нас, туку и за Скопје, за Македонија, но и пошироко – истакна претседателот на „Балфин“ Самир Мане.

„Балфин“ го реализира „Сити мол“, а стои и зад други проекти меѓу кои Rolling Hills Luxury Residences и Green Coast Resort, како и мрежата на продавници „Нептун“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...