Посветеност на клиентите, постојан раст, како и подобрување на својот асортиман и услуга, се само дел од успесите на „Нептун“ изминативе две децении. Компанијата одбележа 20 години работа во Македонија со 25 продавници низ целата земја и со тим што моментно брои повеќе од 400 вработени.
Свечената прослава на 20-годишниот јубилеј се одржа вчера во Скопје и на настанот луѓето кои се најзаслужни за растот на „Нептун“, вработените, беа претставени како херои и дополнително им беа доделени награди на сите што се дел од оваа компаниска приказна уште од самиот почеток.
Компанијата е основана во 1998 година и е малопродажна мрежа на производи од бела техника, апарати за домаќинство, телевизиски, аудио и видео апарати, компјутери, смартфони, фото апарати и камери, лична нега и убавина, ладење и греење.
– Дел сме од бизнис кој постојано се менува и секој ден има некој новитет, некој нов, понапреден модел поради што од нас се бара постојано следење на тоа брзо темпо со цел да бидеме во чекор со потребите на клиентите. Постојано инвестираме во своите вработени, првично во нивниот професионален развој низ постојани обуки, а потоа и во нивната исполнетост на работното место затоа што вработените се тие што ја прават компанијата. „Нептун“ немаше да стигне до тука без нашиот тим или како што сакаме да кажеме, без нашето големо семејство, кое е распространето во дури 21 град низ цела Македонија и се надеваме дека ќе продолжи да расте – изјави Горан Цветинов, генерален директор во „Нептун“.
Тој посочи дека токму работната атмосфера и инвестирањето во надградбата на вработените придонесува и за квалитетната и професионална услуга на клиентите. Дополнително, за најдобро можно купувачко искуство, „Нептун“ нуди и широка палета на услуги на своите клиенти како инстант кредит, осигурување на производите, разни типови на достава и најновиот продукт кобрендираната картичка happy во партнерство со НЛБ Банка.
Првата продавница е отворена во 1998 година во Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје, а во 2006 се отвораат продавници во Скопскиот стадион, во Гостивар и Тетово. „Нептун“ продолжува да ги доближува своите услуги до другите градови во Македонија отворајќи продавници во Охрид и Куманово, а во 2008 и 2009 година мрежата се шири во Струга, Прилеп, Битола, Штип, Струмица и Кочани. Во 2007 година „Нептун“ се шири и на Косовскиот пазар, а во периодот од 2013 до 2016 година се отворија продавниците во Кавадарци, Гевгелија, Велес, Крива Паланка, Ресен, Чаир, Неготино и Свети Николе.
Заокружувајќи го големиот јубилеј, менаџерскиот тим на „Нептун“ посочи дека заедно со своите вработени ќе продолжат да работат на подобрување на својата понуда и на зацврстување на довербата со клиентите која ја градат веќе 20 години. „Нептун“ е во сопственост на една од најголемите приватни компании во Албанија и во регионот, „Балфин груп“.