Мандатарот за состав на нова италијанска влада, Карло Котарели денеска му го врати мандатот на претседателот на Италија, Серџо Матарела, откако Движењето пет ѕвезди (М5С) и партијата Лига соопштија дека постигнале договор за формирање владин кабинет.
– Движењето пет ѕвезди и Лигата постигнаа договор за формирање политичка влада на чело со Џузепе Конте како премиер – се наведува во заедничкото соопштение на лидерите на М5С и Лигата, Лујџи Ди Мајо и Матео Салвини.
Согласно италијанскиот Устав, Матарела сега ќе мора да му го довери мандатот за формирање влада на Конта и да го одобри кабинетот што тој ќе го предложи.
Според италијанскиоте медиуми, новата влада би можела да биде избрана уште утре, односно 89 дена по одржувањето на параламентарните избори на кои ниту една партија или коалиција не обезбеди мнозинство во Парламентот.
Антисистемското Движење пет ѕвезди и десничарската попилустичка партија Лига и претходно постигнаа договор за формирање влада, но Матарела одби да го одобри предложениот кабинет, несогалсувајќи се со некои кадровски решенија, пред се со изборот на евроскептикот Паоло Савони за министер за економија, по што му довери мандат на Котарели да формира техничка влада.
Според извори од М5С и Лигата, кандидат за министер за економија во новата влада ќе биде професорот на римскиот Универзитет „Тор Вергата“, Џовани Трија. Истите извори посочуваат дека во новиот кабинет Савони би бил министер за европски работи, а местото шеф на дипломатијата би го зазел Енцо Моаверо Миланези. Ди Мајо најверојатно ќе биде министер за индустрија, а Салвини за внатрешни работи.