Косовскиот претседател Хашим Тачи се сретнал во Виена со познатиот светски тенор и диригент од Шпанија, Пласидо Доминго, кого го поканил да го посети Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Тачи на својот профил на Фејсбук, покрај фотографија со светски познатиот тенор, попладнево напиша дека го поканил Доминго во блиска иднина да го посети Косово, а тој ја прифатил поканата со задоволство.
– Во Виена се сретнав со тенорот и диригент со светска слава, Пласидо Доминго. Покрај пријатниот разговор, познатиот тенор Доминго го поканив да го посети Косово, а тој поканата ја прифати со големо задоволство – напиша Тачи.
Косовскиот претседател вчера во Дипломатската академија во главниот град на Австрија ја промовираше својата биографска книга на англиски јазик „Нова држава, модерен државник“, од англиските новинари Роџер Бојес и Сузи Џегер.
Промоцијата во Виена, на која, меѓу другите, присуствуваше и албанскиот премиер Еди Рама, предизвика бурни реакции и негодувања од српските медиуми и политички субјекти во Белград, како и протести на Срби што живеат во Австрија пред Дипломатската академија.