Коморите од регионот заеднички ќе ја освојуваат Франција

Коморите од регионот заеднички ќе дејствуваат за поддршка на зголемувањето на соработката со француските компании, преку единствена регионална мрежа, Тим Франција - Балкан.

74

Настапувајќи како регион го зголемуваме интересот на француските компании за пристап до пазар од над 20 милиони жители. Ова е прв чекор, кој има за цел да ја зголеми трговската размена меѓу Франција и земјите од регионот.

Ова го порача Александар Милошевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), на Бизнис форумот: Франција – Балкан 2018, во организација на владината француска агенција „Бизнис Франција“.

Зголемување на трговската размена меѓу Франција и земјите од регионот, искористување на потенцијалите за заедничка соработка, промоција на трговијата, со посебен акцент на воспоставување конкретни соработки во областа на земјоделството, ИКТ, инфраструктура и енергетскиот сектор, како и обновливи извори на енергија е главниот фокус на Бизнис форумот.

– Делегатите на Сојузот имаа можност да се запознаат со идните деловни партнери, кои би сакале да купат производи, да добијат знаење, да најдат индустриски партнер за коинвестирање, да воспостават соработка со локалните компании за аутсорсинг или за заеднички влез на трет пазар – изјави Милошевски.

Тој додаде дека Сојузот, како претставник на бизнис заедницата во Македонија, заедно со останатите комори од регионот заеднички ќе дејствуваат за поддршка на зголемувањето на соработката со француските компании, преку единствена регионална мрежа, Тим Франција – Балкан.

Во таа насока неодамна во Скопје претседателката на ССК Даниела Арсовска и претседателот на претставништвото на Француската стопанска комора во Србија Драгољуб Дамјановиќ потпишаа договор за воспоставување стратешко партнерство со цел на француските компании заинтересирани за инвестирање на Балканот да им се отвори поголем пазар, понуда на услуги и да се воспостави една единствена регионална мрежа, Тим Франција – Балкан.

Претседателот на Градежната комора на Македонија, Ивица Јаќимовски, во рамки на Форумот, ја истакна важноста од регионалните градежни проекти во функција на развој на градежниот сектор, а со тоа и зголемување на конкурентноста и раст на севкупната економија на ниво на целиот регион.

– Градежните компании од регионот здружени во конзорциуми и кластери можат да ја унапредат продуктивноста и да бидат конкурентни да реализираат големи инфраструктурни проекти како во регионот, така и на трети пазари. Обединувањето на капацитетите во секторот градежништво, дополнително и во соработка со француските компании, значи унапредување на регионална економска соработка во областа на градежништвото – изјави Јаќимовски.

Целта на бизнис форумот на кој учествуваат над 400 компании од 12 земји е да се унапредат трговските односи со Република Франција, да се поттикнат инвестициите и заедничката соработка.

Франција лани беше 23. трговски партнер во надворешно-трговската размена на Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...