Компанијата за дијаманти „Де Бирс“, која има 130-годишна традиција, ќе почне продажба на дијаманти изработени во лабораторија во англиската област Беркшир, јавува „Гардијан“.
Компанијата, чие мото е „дијамантите се вечни”, со години од Африка и Канадската Арктичка Област набавува дијаманти стари милијарди години, а завчера ги претстави своите многу поевтини „вештачки“ дијаманти, создадени, односно „одгледувани“ три седмици преку процес сличен на тридимензионалното печатење.
„Де Бирс“, кој подолго време држи скоро цел монопол врз светското производство на дијаманти, соопшти дека се одлучиле на овој потег за да се задоволи „побарувачката на модни додатоци достапни за поголем круг луѓе“, кои може и да „не се вечни, но би биле идеални за одреден момент”.
– Ако сакам да и подарам нешто на 12-годишната ќерка, не би и подарил вистински дијамант, така што ова е добра алтернатива – изјави извршниот директор на компанијата, Брус Кливер.