Приказната за мистичниот Египет, Вердиевата „Аида“, утревечер традиционално ќе ги затвори и овогодинешните 46. по ред Мајски оперски вечери. Љубовниот триаголник помеѓу робинката Аида, командирот на војската Радамес и принцезата Амнерис ќе нѐ пренесе во едно минато време, а изведбите на Ана Лукреција Гарсија (Венецуела), Валтер Фракаро (Италија) и Софија Јанелидзе (Грузија) ќе ни приредат волшебно искуство и задоволство. Во останатите улоги се нашите првенци Владимир Саздовски, Невен Силјановски, Марјан Јовановски, Александара Лазаровска Василевски и Марјан Николовски. Диригент е Бисера Чадловска, а режијата е на Дејан Прошев.
Овој настан е посветен на нашата примадона Данка Фирфова по повод 100-годишнината од нејзиното раѓање. Во нејзина чест, со почеток во 19 часот, Македонската опера и балет подготви ретроспектива на нејзините достигнувања во оперската уметност.