Делегација од Стопанската комора на Македонија на бизнис форумот „Франција – Балкан 2018“

Вкупната трговска размена на Република Македонија со Република  Франција за периодот јануари - март 2018 година изнесува 50,3 милиони САД$, што претставува раст од скоро 67,7% во однос на истиот период во 2017 година.

87

Од 30 мај до 1 јуни 2018 година, десетчлена бизнис делегација од Стопанската комора на Македонија ќе земе учество на тридневниот Бизнис форум: „ФРАНЦИЈА – БАЛКАН 2018“, што ќе се одржи во Белград, Република Србија.

Овогодинешниот Бизнис форум се организира во соработка со „Business France“ и со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија, со цел продлабочување и интензивирање на досегашната соработка меѓу компаниите од Западен Балкан и Република Франција од областа на агроиндустријата, инфраструктурата, енергетиката, со фокус на обновливите извори на енергија, информатичките технологии и автомобилската индустрија.

Главниот фокус на овогодинешниот форум е претставување на можностите и финансиската поддршка коишто Европската унија преку Берлинскиот процес и заедничките фондови ги нуди на земјите од Западен Балкан за поттикнување на економската соработка, како и полесно пробивање и наоѓање партнери за соработка со земјите од Европската унија.

На Бизнис форумот, покрај експерти, менаџери на големи светски  корпорации, претставници од владиниот сектор и јавни институции, учество ќе земат и сопственици на големи производствени компании од Франција, присутни во земјите од Западен Балкан, како и стопанственици од 12-те земји – партнери на овогодинешниот Бизнис форум: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Хрватска, Македонија, Грција, Косово, Молдавија, Црна Гора, Романија и Србија.

На денешната пленарна сесија на Бизнис форумот ќе се одржат панел дискусии на теми значителни за развојот на бизнис климата меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ. Експертите во своите области ќе одржат презентации на успешни бизнис приказни на француски компании на Балканот, а ќе се зборува и за финансиската помош и ресурси достапни за компаниите од регионот.

Во текот на утрешниот ден ќе бидат организирани 6 тркалезни маси со посебен акцент на агроиндустријата, автомобилската индустрија, инфраструктурата, енергетиката, информатичките технологии и дигитализацијата и можностите за инвестирање во земјите од Балканскиот регион.

Компаниите – учеснички на овогодинешниот Бизнис форум, во наредните три дена ќе имаат можност да остварат билатерални средби со потенцијални бизнис партнери од Франција, од земјите од Западен Балкан и од Кипар.

На билатералните средби посебен акцент ќе биде ставен на наоѓањето потенцијални партнери во делот на: дистрибуција на француски технологии/продукти/услуги на домашните пазари; набавка на нова опрема и технологии од Франција за подобрување на домашните капацитети; наоѓање француски партнери за заедничко аплицирање на тендери; наоѓање француски партнери за инвестирање во зголемување и проширување на производствени капацитети на Балканот; наоѓање потенцијални партнери за заеднички настап на трети пазари и др.

Вкупната трговска размена на Република Македонија со Република  Франција за периодот јануари – март 2018 година изнесува 50,3 милиони САД$, што претставува раст од скоро 67,7% во однос на истиот период во 2017 година.

При тоа, остварен е извоз во вредност од 15,9 милиони САД $ со раст од 93,4%, додека увозното салдо изнесува 34,36 милиони САД $ со раст од 57,6% споредено со истиот период во 2017 година.

Заклучно со март 2018 година, евидентиран е дефицит на македонска страна од 18,4 милиони САД$, зголемен за 35,3% во споредба со истиот период во 2017 година. Вкупната трговска размена на Република Македонија со земјите од Западен Балкан за 2017 година изнесува 1,41 милијарди САД $ и учествува со 10,50 % во вкупниот обем на размената.

Извозот на Република Македонија кон земјите од Западен Балкан изнесува вкупно 666,1 милиони САД $ или вкупно учество од 11,75 %. Увозот на Република Македонија од земјите на Западен Балкан изнесува 140,45 милиони  САД долари или 9,6%.

Во вкупната трговска размена со земјите од Западен Балкан, Република Македонија бележи дефицит од 74,3 милиони САД $ кој се должи главно на дефицитот во трговската размена со Р. Србија од 304,8 милиони САД $. Со останатите земји од Западен Балкан, Република Македонија бележи константен суфицит.

Вкупниот дефицит во трговската размена на Република Македонија со земјите од Западен Балкан изнесува 3,63 % од вкупниот трговски дефицит на Република Македонија со светот.

 

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...