Заев гостин на турнејата „Една љубов“

Во Градскиот парк во Скопје на 16 јуни во 10 часот ќе почне првиот од осумте концерти наречени „Една љубов“ (One Love).

376

Во Градскиот парк во Скопје на 16 јуни во 10 часот ќе почне првиот од осумте концерти наречени „Една љубов“ (One Love). Фестивалот се одржува вторпат и во рамките на овој огромен хепенинг ќе биде претставено најкарактеристичното од културата, уметноста, музиката и кулинарските традиции помеѓу Македонија и Бугарија. „Една љубов“ ќе изобилува со целодневни настани со богата програма во осум градови во Македонија и Бугарија, а датумите се совпаѓаат со некои од градските празници. И оваа година „Една љубов“ е бесплатен фестивал, а во текот на 12-часовната програма гостите ќе уживаат во перформансите на артисти од сите музички жанрови и во најразновидни интересени содржини.

Јазикот на музиката

Како што најавија организаторите на прес-конференцијата која се одржа во Софија, помеѓу Македонија и Бугарија постои една љубов, и за илјадниците обожаватели и младите луѓе нема потреба од договор за добрососедство, разбирање и сакање. Тие посочија дека Бугарија и Македонија за првпат по толку време работат на заеднички проект во еден ритам и еден јазик – јазикот на музиката.

– Ни претставува огромна чест што пред една година кога започнавме со организацијата на овој настан, ја имавме идејата колку е важно Македонија и Бугарија да направат нешто заедно, но немавме идеја колку тешка задача е тоа. Нашите земји се најблиски земји на Балканот, а тоа ќе го докажеме со овогодинашниот фестивал – изјави Иван од бугарската организација на фестивалот.

Сања Николиќ, претставник од македонската организација, изјави дека огромно е задоволството што фестивалот годинава почнува токму во Скопје. Целодневната програма ќе започне во 10 часот со семејна забава на која ќе настапат „Златно славејче“, „Љубојна“, „Ансамбл Булгаре“… На големата македонско-бугарска турнеја „Една љубов“ ќе учествуваат Слаткаристика, „Некст Тајм“, „Љубојна“, „Фолтин“, Сашко Коцев, Деси Добрева, Графа, Криско, Апсурд, „Ансабл Булгаре“ и хорот на „Златно Славејче“. Во дел од градовите ќе настапи и виртуозот на гитара Влатко Стефановски.

Премиерот Заев официјален гостин

Турнејата која изобилува со неверојатно богати содржини, е поддржана од македонската и бугарската влада, а како официјални гости се најавени премиерот Зоран Заев и министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева. Организаторите напоменаа дека можно е и присуството на бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Финансиската помош доаѓа од Министерството за надворешни работи на Бугарија и Министерството за култура на Македонија каде средствата се добиени по пат намеѓународен конкурс, а голема поддршка даваат и локалните самоуправи кои индиректно се вклучени во оваа фестивалска турнеја. По големото отворање на 16 јуни, турнејата продолжува во Софија на 30 јуни, Банско на 21 јули, во Варна на 27 јули, Струмица на 11 август, Кавадарци на 7 септември, Русе на 8 септември и за крај во Стара Загора на 5 октомври. Во сите градови забавата е од отворен карактер.

Атракции и различни жанрови

Програмата ја сочинуваат уметници од двете земји во различни жанрови: детски театар, стенд-ап комичари, фолклорни ансамбли, поп, џез, соул и ар-ен-би изведувачи, диџеи. Уметниците учествуваат на ротирачка основа, насочени кон профилите и публиката на двете земји.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...