Во Кина во голем број училишта моментално трае тестирањето на систем базиран на вештачката интелигенција и машинското учење што ќе може автоматски да ги оценува есеите и испитите и да ги советува учениците околу грешките што ги направиле.
Вештачката интелигенција се покажа како прилично точна, и во 92 отсто од случаите донесе исти или слични одлуки како и професорите, меѓутоа резултатите не се совршени. Како што вештачката интелигенција напредува, така ќе напредува и овој софтвер, кој во иднина треба да ја намали недоследноста при оценувањето и да го намали времето што професорите го трошат на читање и оценување на испитите.
– Не постои закон што на вештачката интелигенција ѝ забранува оценување на есеите на учениците – вели професорот Ју Јафенг од Универзитетот „Нормал“ во Пекинг и додава дека оваа практика покренува одредени етички прашања. Во некои случаи учениците и студентите, како и нивните родители, не знаеле дека на испитите ги оценувала вештачката интелигенција.