Потрагата по авионот на компанијата „Малезија ерлајнс“ MH370, што 90 дена ја спроведуваше приватна американска фирма, дефинитивно е завршена. Компанијата „Оушн инфинити“, со седиште во Хјустон, трагаше по авионот кој исчезна на својот лет од Куала Лумпур до Пекинг на 8 март 2014 година со 239 патници и членови на екипажот, пренесува Макфакс.
Потрагата по малезискиот авион се смета за една од најголемите во историјата на воздухопловството, при што биле пребарани над 120 000 километри квадратни од Индискиот Океан.
Делови од урнатините на авионот беа пронајдени дури во близина на Мадагаскар, но не и трупот на леталото. Официјалната потрага, која вклучуваше тимови од Австралија, Малезија и Кина, заврши во јануари минатата година. Исчезнувањето на овој авион се смета за една од најголемите мистерии во авијацијата, наведува „Ројтерс“.