Градот Скопје ќе одвои седум милиони денари за заеднички проект со општината Сарај со кој е во план да се врати во живот езерото Треска, изградено со пари на граѓаните и оставено да пропаѓа.
На прашање на Плусинфо до каде е постапката за враќање во функција на езерото Треска, проект кој градоначалникот Петре Шилегов го најави во време на предизборието, градските власти велат дека, веќе е официјализирана и одлука за изработка на проект за ревитализација на рекреативниот центар.
-Езерото Треска со владина Одлука е доделено на Општина Сарај, но независно од тоа, Град Скопје е подготвен заеднички со општината да изготват и да реализираат проект за ревитализација на овој градски рекреативен појас. Во таа насока, веќе Советот на Град Скопје донесе Одлука за воспоставување соработка со конкретно дефинирана цел Изработка на проект за ревитализација на езеро Треска. Износот која Град Скопје ќе го издвои за реализација на овој проект изнесува 7.000.000 денари со пресметан ДДВ, од кој од Буџетот за 2018 год во износ од 3.000.000, од Буџетот за 2019 год 2.000.000 и од Буџетот за 2020 год 2.000.000 денари – велат од Градот Скопје.
Градоначалникот Шилегов во изборната кампања вети дека дека со јавно приватно партнерство ќе се изгради пречистителна станица, но и дека на езерото Треска ќе се направат услови за да се префрли таму и ноќниот живот во Скопје.
„Езерото ќе биде ставено во функција, што само по себе ќе има извесна социјална мерка бидејќи луѓето од Скопје кои немаат средства да одат на годишен одмор, оваа убавина, ќе биде од нивна помош за во топлите летни денови скопјани да можат да се забавуваат и разладат. Тоа е нашиот приод, поинакво планирање, градба на инфраструктура и одржување на инфраструктура. Веројатно на некој му беше полесно и поедноставно, да гради, отколку да одржува нешто што скопјани многу одамна го имаат платено, со своите средства. На ова место ќе го вратиме животот во Скопје, живот во Скопје за сите“, рече Шилегов во изборната кампања.