Поранешниот холивудски филмски продуцент Харви Вајнстин, кој е обвинет за силување и сексуално злоставување, пуштен е денеска со кауција од еден милион долари.
Тој утрово и се предаде на полицијата во Њујорк, а потоа беше спроведен со лисици на рацете во суд во Менхетен, каде што е обвинет за силување и сексуално злоставување, и обвинувањата потекнуваат од два одделни случаи.
Вајнстин го негираше обвинувањето дека извршил сексуален чин без согласност на жена. Тој беше пуштен со кауција и барање да носи уред за следење, како и забрана за напуштање на Њујорк.
Повеќе од 70 жени го обвинуваат соосновачот на студијата „Мирамакс“ и „Вајнстин цо“ за сексуално вознемирување, вклучувајќи и силување, а некои обвинувања датираат и од пред повеќе години.
„Случајот Вајнстин“ беше повод за ангажирање на движењето #MeToo, па стотини жени почнаа јавно да обвинуваат моќни бизнисмени, владини претставници и луѓе од светот на забавата за злоставување.