Министерството за транспорт и врски до крајот на следниот месец ќе распише тендер за избор на авиокомпании кои ќе добиваат финансиска поддршка од државата за евтини авиолинии од македонските аеродроми, со посебен фокус на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Тендерот ќе следи по вчерашното усвојување на седница на Владата на Програмата за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски превозници за периодот 2018-2021 година и на Уредбата за начинот, поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска најави во наредниот период ќе се формира комисија од повеќе институции по што ќе се отвори тендерската постапка.
– Можам да ви гарантирам дека постапката ќе биде крајно транспарентна, ќе се овозможи на сите компании да учествуваат и на крајот да добиеме компанија која ги исполнува сите услови и она што го имаме како изборно ветување во владината Програма дека продолжуваме со нискобуџетните компании. Нашиот стремеж е колку што е можно тоа повеќе да биде од охридскиот аеродром – изјави Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Чашка.
Вториот тригодишен договор со „Визер“, актуелниот нискобуџетен авиопревозник кој добива субвенции од државата, истекува следниот месец.
Врз основа на претстојниот тендер што се најавува за крајот на следниот месец, исто така ќе се склучи тригодишен договор, за периодот од 2018 до 2021 година.