Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска оцени дека последните податоци на Државниот завод за статистика за раст на платите се показател оти владините мерки, како што е покачувањето на минималната плата, даваат резултати.
– Платите во Македонија растат, просечната плата во март годинава е зголемена за 5,6 проценти во однос на март 2017 година. Исто така, ако се погледнат првите три месеци за годинава во споредба со првите три месеци од претходната година растот е 4,9 проценти. Тоа е, пред се, заради една од првите мерки што ги донесовме за зголемување на минималната плата која што доведе околу 90 илјади работници во Македонија да имаат зголемени плати – изјави Тевдовски.
За нас, дополни тој, е важно што зголемувањето на платите е предизвикано пред се од сериозниот раст кај работниците кои имаат најниски плати, во индустриите текстил, облека и кожа кои претходно неправедно имаа пониско ниво на минимална плата.
– Последниот извештај за платите покажува дека во овие три индустрии, за текстил, облека и кожа, растот на платите во март годинава во споредба со март претходната година се движи некаде помеѓу 15 и 21 процент – наведе Тевдовски.
Одговарајќи на новинарски прашања Тевдовски наведе дека од аспект на Буџетот е важно што мерките се дизајнирани да се гледа бруто платата, односно, потенцираше, фирмите си ги плаќаат придонесите, кои пак во првите месеци од годинава се зголемени за шест проценти. Тоа е добро затоа што се полни и Фондот за пензиско осигурување, а знаете дека од претходната Влада наследивме сериозен проблем со дефицитот на ПИОМ, наведе Тевдовски.
Во однос на ветувањата за плата со износ од 500 евра министерот наведе дека тоа е дел од програмата кој се однесува на крајот на мандатот.
– Важно е дека платите во Македонија растат и се прави се да се поддржи тој раст бидејќи тоа е еден од главните приорити – нагласи ресорниот министер.
Владата неодамна донесе мерка и за финансиска поддршка на покачувањето на платите во трудоинтензивните дејности. Исто така, преку мерките за поддршка на малите и средни претпријатија, како и активните мерки за вработување се очекуваат ефекти врз просечната плата во земјава.
Државниот завод за статистика вчера објави дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март годинава изнесува 23.694 денари и е за 5,6 отсто повисока во споредба со истиот месец лани. Просечната исплатена бруто-плата, пак, е 34.764 денари и е повисока за 5,3 отсто во споредба со март 2017 година.